
За нас и низ Европа е тешко сфатливо како е можно да функционира образование без соодветно министерство. И тоа не во која било земја, туку во САД, откако претседателот Доналд Трамп нареди да биде укинато Министерството формирано во 1980 година, во мандатот на Џими Картер.
За Американците, одговорот е едноставен. Тие не ни имале Министерство за образование, со исклучок на едногодишен експеримент во 1867 година. Нема ни Канада.
Обврската за поставување образовни стандарди во САД им е препуштена на сојузните држави. Има јавни, приватни и домашни училишта. Образованието е задолжително. Почнува за децата на возраст помеѓу 5 и 8 години, а завршува со средното училиште, на возраст од 16 до 19 години, во зависност од државата. До 2013 година, речиси 87% од децата биле запишани во јавни училишта, 10% во приватни, а 3% се образувале во домашни услови.
Проблемот со Министерството се огромните бирократски трошоци, без притоа да се крене квалитетот на образованието. Министерството за образование сега има околу 4.000 вработени, за чии плати се трошат 600 милиони долари. Тие во просек заработуваат по околу 150.000 долари годишно, што е двојно повеќе од просечната плата во Вашингтон.
Во првата година од основањето, Министерството потрошило 14 милијарди долари, во 2019 година 71 милијарда, а лани 80 милијарди од федералниот буџет. Освен платите, не се видливи резултати што би ги оправдале трошоците.
Демократите упорно бараат да се инвестира повеќе во образованието. Тие упорно укажуваат на ужасните услови во училиштата. Оценките по читање и математика на децата се рекордно ниски. Во периодот од 1980 до 2022 година тие се подобриле само по математика кај учениците на возраст од 9 и 13 години. Но, тоа значи дека попусто биле потрошени 45 години и милијарди долари, што сведочи за неодговорност и пред децата и пред даночните обврзници.
Владините кредити за студирање прават друга штета - ја зголемуваат цената на школарините и го прават образованието помалку достапно.
Министерството беше формирано делумно како резултат на Движењето за човекови права, за да може и малцинствата да имаат еднаков пристап до образование. Подоцна беше проширено за да биде подостапен колеџот. Но, тука е проблемот. Денес тоа е пречка за своите цели, забележува Вероник де Раги во Reason.
Таа додава дека повеќето родители, вклучувајќи и 70 % од Афроамериканците, претпочитаат да ги запишат децата во приватни училишта. Скапите студии се една од главните причини зошто Американците денес имаат помалку деца.
Министерството треба да биде укинато. Треба да продолжиме да инвестираме во образованието, дури и преку федералните власти. Но, наместо сè да биде контролирано од Вашингтон, треба да ги вложуваме парите како блок-заеми директно во сојузните држави и во локалните заедници. Така тие самите ќе решат, со демократска одговорност, како треба да ги потрошат, вели Раги.