Пандемија + Украина

Имаме „совршена бура“ за гладување

Пандемијата и војната во Украина создаваат услови за „совршена бура“ на глобалната криза за храна. Ако се запостави северна Африка, ете ја Северна Африка во Европа. Ако се запостави Блискиот исток, ете го Блискиот исток во Европа. А во моментов, сето тоа се запоставува.

2021 година беше најлошата година досега за светскиот глад но најлошото уште не сме го виделе, првенствено заради комплицирање на гео-политичките проблеми и односи, вели извештајот на Глобалната мрежа против прехранбената криза, мултинационална организација основана од ЕУ и соодветни тела на ОН.

Според извештајот, 193 милиони луѓе лани се соочувале со акутна несигурност околу храната, што се дефинира како состојба кога внесот на храна е толку низок што во непосредна опасност ги доведува човечките животи и егзистенција.

Колку и да било лошо лани, во 2022 работите можат да бидат многу полоши.

„Пандемија, конфликти, климатска криза, а сега и војна во Украина. Се реди катастрофа врз катастрофа. Милиони луѓе во многу земји се на работ на изгладнување. Со итни фондови мораме да ги извадиме оттаму пред да биде предоцна“, предупредува Дејвид Бисли, извршен директор на Светскиот програм за храна.

Според него, ако оваа година не се одвојат екстра неколку милијарди за прехранување на најпогодените, ќе има дополнителна дестабилизација и масовни миграции.

„Ако мислите дека сега минуваме низ „пекол на земјата“, само почекајте. Ако ја запоставиме северна Африка, северна Африка ќе дојде во Европа. Ако го запоставиме Блискиот исток, Блискиот исток ќе дојде во Европа“, алармира човекот.

Наспроти ваквите драматични предупредувања, се чини дека тоа во моментов е далеку од приоритетно прашање. Заради инвазијата на Русија, Украина, која е една од најголемите житни извозници во светот, е речиси отсечена од надворешните пазари. 

Во украинските силоси се заглавени околу 20 милиони тони жито. Запад најде начин како секојдневно да ѝ доставува воена и друга помош на нападнатата земја но не и да ѝ помогне да го извлече житото од силосите, за Украинците да имаат пари а другите леб, за да се преживее војната.

5 мај 2022 - 17:07