98 заложници сè уште се држат во Газа, меѓу кои и седум Американци. Според израелските разузнавачи, се верува дека околу половина од заложниците, вклучително и тројца Американци, сè уште се живи.
Од друга страна, над 46.500 Палестинци се убиени од израелските сили од 7-ми октомври, кога Хамас изведе блицкриг во Израел.
Освен Израелците, и палестински извор рекол дека фракциите во Газа имаат единствен став и дале позитивен одговор на нацрт-договорот за прекин на огнот кој се очекува да иде обелоденее деновиве.
Индиректните преговори во Доха се одвиваат со посредници од Катар, Египет и САД. Последните денови се работело деноноќно.
Можеби катализатор на исчекорот е заканата на Трамп дека на Блискиот исток ќе се плати пеколна цена доколку заложниците не бидат ослободени пред неговата инаугурација.
Според очекуваниот договор, во првата фаза од договорот би биле ослободени 33 заложници, меѓу кои жени, деца, мажи постари од 50 години и мажи помлади од тоа, кои се ранети и болни.
Во исто време би имало и прекин на огнот во Газа. За време на првата фаза, израелските одбранбени сили постепено ќе се повлекуваат во тампон зона во Газа во близина на границата со Израел, но Израел нема целосно да се повлече од Газа додека не се вратат сите заложници.
Ќе се ослободуваат и палестински затвореници (ги има стотици), но точниот број ќе се знае откако Хамас ќе се изјасни колку живи заложници има за предавање.