Илон Маск му сврте грб на Најџел Фараж

Се зборуваше за донации од стотина милиони од Маск за партијата на Фараж, сопственикот на Тесла и Спејс Икс пишуваше дека на Британија ѝ се неопходни Реформистите на Најџел, заедно беа во во Мар а Лаго на Доналд Трамп... и од нигде никаде, Маск пиша дека Фараж „го нема тоа што треба“ за да ја води партијата. Па бар за жена да се скараа.

Дури и на неговите најентузијастички фанови им е јасно дека Илон Маск е од оние кои често прво ќе твитнат па после ќе прашаат.

По неколкудневните негови гневења за скандалот со пакистанските банди за силување во Англија, тој смени тема и пиша дека Најџел Фараж „го нема она што е потребно“ за да ги води британските Реформисти.

А само пред некое време пиша дека Реформистите се она што ѝ е неопходно на Британија и се водеа разговори за негова сериозна донација за партијата. Се спомнуваше сума од 100 милиони долари.

Маск и Фараж најверојатно се разидоа околу крајно-десничарскиот анти-исламски активист Томи Робинсон (вистинското име му е Стивен Јаксли - Ленон) кој отслужува 18 месечна казна затвор заради непочитување на судот.

Разидувањата околу него се малку пошироки. Едни го доживуваат како храбар борец и политички затвореник на авторитарната британска држава, други го сметаат за криминалец чии циркуси по земјата лично му носат големи пари а за десницата нема направено ништо корисно.

Фараж се дистанцираше од него, Маск го сака. 

„Илон Маск е извонреден лик, но на оваа тема нема да се согласиме. Моите принципи не се на продажба,“ изненадено напиша Фараж откако Маск ја побара неговата глава, велејќи дека на Реформистите им треба нов лидер.  

Илон Маск во последно време сè повеќе се бави со британската политичка сцена. Главна мета му е премиерот Кир Стармер за кого тврди дека треба да биде во затвор, затоа што на времето кога беше обвинител не ги гонеше прописно пакистанските банди за силување кои сега повторно се актуелни во Англија.

Фараж ја формираше Reform UK во 2018 година која тогаш се викаше Брегзит партија и беше најзаслужна за исходот на референдумот после кој земјата излезе од ЕУ. Како партиски лидер се врати годинава, откако беше изгласан во парламентот.

Во моментов на сондажите Реформистите имаат 22%, само 3 проценти зад Ториевците и 5% зад Лабуристите.

6 јануари 2025 - 09:56