
Предлогот е од Плаид Кумри (Партијата на Велс), а според нив само независноста може да доведе до фундаментален напредок за велшката економија, бидејќи земјата има проблеми не затоа што е премногу мала или сиромашна „туку затоа што е заробена во економија што се оформува според интересите на Лондон“.
Планот е по првиот референдум на кој ќе се одредат уставните опции, да следува втор бинарен референдум (за / против) кој би можел да доведе до независност.
Оптимизмот на Партијата на Велс е поддржан од анкетите на кои поддршката за независност е во раст. Ова во добар дел е предизвикано од начинот на кој велшките власти, предводени од Лабуристите, се справија со ковид-19 што ја подгреа идејата дека на Велс може да му биде подобро ако ги прекине односите со британската влада.
„Има лекција која може да се научи од Ирска, некогаш најпериферниот и најсиромашен дел од Британија. Сега таа е самоуверена и независна нација, и еден од најбогатите делови од овие острови, со сопствено место во Обединетите нации,“ порачуваат од Партијата на Велс.