Сидни Камлагер-Даув, конгресменка од Калифорнија, изјави дека Рубио лично признал дека договорот на Трамп „не е од ист калибар“ со оној на Обама.
Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) беше вистински договор, со критериуми, репери и прагови. Овој Меморандум за разбирање е само потпишан лист хартија, во кој се вели дека ќе продолжиме да разговараме за преговори, наводно истакнал Рубио, според конгресменката.
Преговорите со Иран практично не мрднаа од првата рунда во Швајцарија, кога почна одбројувањето од 60 дена за имплементација на точките од Меморандумот за разбирање. Како шеф на дипломатијата, од државниот секретар се очекува да патува низ Блискиот Исток на средби со претставници на Иран и на посредниците, но Рубио нема со кого да разговара, бидејќи Техеран од свои причини не испраќа своја делегација.
Самото тоа сведочи дека Меморандумот нема голема тежина, за разлика од Иранскиот нуклеарен договор на Обама, кој покрај САД и Иран, го потпишаа и Русија, Кина, Франција, Британија и Германија.
Уште додека очајнички бараше излез од војната со Иран, Трамп беше иритиран од коментарите дека секој негов предлог до Техеран е послаб за САД во споредба со договорот на Обама. Не само поради лични фрустрации. Тоа би потврдило дека целата негова политиката во однос на Иран е на штета на Американците и на интересите на САД – од поништувањето на договорот на Обама во 2018 година, преку објавувањето војна по сопствен избор, охрабрен од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, па се до отстапките што мораше да му ги понуди на Иран за да заврши војната.

Во однос на штетата, Трамп тврдеше дека „Обама му испраќа пакети со долари на Техеран“. Таков пакет Обама навистина му испратил на Иран. Всушност содржел кеш од долари, швајцарски франци и други валути во износ од 400 милиони долари, бидејќи тогашните санкции спречуваа банкарски трансфер. Заедничкиот сеопфатен план за акција на Обама ослободи околу 50 милијарди долари замрзнати ирански средства.
Трамп сега му отвори пристап на Иран до 300 милијарди долари за санирање на штетите и економски развој, укинува меѓународни санкции и одмрзнува 24 милијарди долари ирански средства. Тоа е само почеток. Се очекува Иран целосно да ја преземе контролата врз сообраќајот низ Ормускиот проток и да им наплаќа патарина на танкерите и комерцијалните бродови.
Разликата е и што Обама доби писмени гаранции дека Иран нема да збогатува ураниум и нема да развива нуклеарно оружје. За да се приближи до тоа, Трамп мора да преговара и да понуди уште повеќе отстапки, бидејќи Иран како победник во војната сега ги диктира условите.
За почеток, треба да ги моли Иранците да се појават на преговори пред да заврши рокот од 60 дена.