
Доколку Холандија ги повика на служење сите свои државјани на 17-годишна возраст, тоа ќе значи дека ќе треба да смести и обучи 200.000 регрути годишно. Нивни пресметки се дека тоа нема да се случи, бидејќи одбраната моментално може да обучи максимум 1.000 регрути годишно, а надежта е дека оваа бројка ќе порасне на 9.000 до крајот на 2029.
Во истиот извештај во кој се овие бројки, министерството за одбрана пишува дека и покрај ваквата ситуација треба да се разгледа служењето воен рок бидејќи Холандија мора да биде подготвена за голем воен конфликт во следните пет до десет години, бидејќи ситуацијата во светот рапидно се влошува.
Холандија моментално има платена војска од 42.000 војници, а работи на регрутирање повеќе војници и резервисти за зголемување на бројот.
Анализата е направена на барање на првиот човек на холандските вооружени сили, Оно Ајхелшајм, според кого за сега нема планови за воведување задолжителен воен рок, меѓутоа дека војската треба да почне логистички и инфраструктурно да се подготвува за евентуална таква одлука.