Брус Хофман од американскиот Совет за надворешна политика вели дека „со сигурност може да се потврди дека веќе се извршени длабоки промени на воениот и политичкиот пејсаж на Блискиот исток со кои се менуваат и калкулациите за иднината на тој регион“.
Хамас е воено разбиен, Хезболах е обезглавен а јеменските Хути не можат да го прошират својот домет подалеку од напади бродови во Црвеното море.
Иран е еден од клучните елементи во равенката.
Техеран долго време го третираше Хезболах како стратешка „полиса за осигурување“: ако Израел ги нападне иранските нуклеарни локации, тука е Хезболах да го запука Израел со безброј ракети. Но, Хезболах сега е под жесток напад а Израел докажа дека може да ги погоди најчувствителните места во Иран.
Иранскиот напад (деновиве испукаа 200 балистички ракети врз Израел) беше очекуван и сега е прашање дали и колку Израел ќе се воздржи од вратка. Во меѓувреме, иранскиот ајатолах Али Хаменеи е однесен на сигурно, на непозната локација. Толку голем е стравот од израелска инфилтрација во безбедносните системи.
Нетанјаху тврдоглаво продолжува како што тргнал без никакви скрупули, надевајќи се дека поразувајќи ги Хезболах и Хамас, ќе издејствува промена на силите во регионот и шанси за создавање нови сојуз (читај: договор со Саудиска Арабија).
Патем, како што кажа изралескиот професор Мери Литвак, Израел се потпира и на проценката дека „на Иранците не им се гине за Арапи.“
„Не е претерување на Хезболах се гледа како Србија, со Иран во улога на Русија а од другата страна е Израел како Австро-Унгарија. Америка е голем сојузник, каква што беше Германија во тоа време. Бочно се Русија и Кина, како што беа Франција и Британија во 1914 година. Така започна Првата светска војна“, пишува Андрерас Клут, колумнист на Блумберг.
Сите се согласуваат дека можната дополнителна ескалација во општа војна првенствено зависи од израелската влада. Логично и рационално би било да не му одговори на Иран и мудро да го доведе до финиш својот упад во Либан за да остави простор да профункционира „новиот однос на силите“.
Само што, логично и рационално не се карактеристики на актуелната израелска влада.