Харви Вајнстин може да биде и ослободен

Иако веќе служи 23 години казна затвор за силување и сексуален напад, а до условно има уште години робија, можно е да се случи Апелација да ја собори затворската казна и целосно да го ослободи некогаш најголемиот продуцент во Холивуд.

Петте судии од њујоршкиот апелационен суд веќе ги имаат ислушано аргументите во случајот, и тројца од нив „изразиле сериозна загриженост околу сведочењата прифатени на судењето“. Една од судиите од Апелација го опишала наведувањето на дополнителните дела за кои Вајнстин не е осуден како „претерување“ и „трупање“.

Иако се уште не даваат предвидувања за исходот од жалбата, рочиштето пред Апелација адвокатите на Вајнстин го коментираат со „мислам дека подобро и не можеше... како список на желби за тоа како сакаш нешто да се одвива.“

За време на претходното судење, судијата дозволи обвинителот да викне за сведочење три жени, кои раскажаа дека Вајнстин сексуално ги нападнал кога биле дојдени кај него на бизнис состанок. Овие тврдења не беа дел од обвинението, „ама беа искористени за да се даде поддршка на обвинувањата за кои му се судеше на Вајнстин.“

Како дел од првичното судење судијата одлучи дека ако Вајнстин реши да сведочи, обвинителот би можел да го испрашува и за 28 други обвиненија кои не беа дел од главното обвинение за кое се расправаше. Вајнстин не сведочеше.

Во расправата на Апелација судиите ги ставија под знак прашање овие одлуки на првостепениот суд и дали тие служеле за да се оспори карактерот на Вајнстин наместо да се фокусира на тоа дали тој ги извршил делата за кои е обвинет.

„Тој не треба да е осуден за тоа што е негативец. Тој треба да е осуден за овие конкретни злосторства,“ објаснува една од судиките на Апелација.

Неколку експерти објаснуваат дека тоа што Вајнстин добро минал со жалбата не мора да значи дека судиите обавезно ќе ја поништат судската одлука и ќе побараат ново судење. Можно е тие да најдат недостатоци во одлуката на првостепениот суд, но и понатаму да ја задржат казната по основа на тоа дека поротата имала изобилие на докази.

Вајнстин е обвинет за силување од прв степен на Миријам Халеј, и силување од трет степен на Џесика Ман. Тој е ослободен за обвинението за силување на Анабела Скиора

30 декември 2021 - 09:38