
Претставници на компанијата сослушувани пред Конгресот признаа дека отишле предалеку со забраната на содржини поврзани со пандемијата на ковид-19 и со резултатите од изборите во 2020 година. Од Јутјуб и од Гугл биле отстранувани содржини иако материјалот не ги прекршувал политиките на компанијата.
Неприфатливо е и погрешно кога која било влада, вклучително и администрацијата на Бајден, се обидува да диктира како компанијата да управува со содржината. Компанијата постојано се бореше против тие напори врз основа на Првиот амандман напишаа адвокатите на Алфабет до конгресменот Џим Џордан, претседателот на Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом.
Конгресменот Џордан една година води истрага за практиките на онлајн цензура насочена особено кон конзервативните ставови. Републиканецот од Охајо издаде серија судски покани барајќи информации од сопствениците на социјалните медиуми.
Гугл, исто така, призна дека до 2024 година се потпирал на политиките на здравствените власти кога забранувал дискусии за владините мерки за ковид-19 и за разни третмани за вирусот.
Врз основа на „загрижености во врска со дезинформациите“, високи функционери и претседателот Бајден лично создале политичка атмосфера што влијаела врз активностите на платформите, се наведува во признанието. Оваа реакција наводно била „добронамерна“.
Напорот почнал речиси веднаш штом Бајден влезе во Белата куќа. Неговите помошници се заканиле со неодредени „опции“ доколку платформите не ги исполнат барањата за цензура.
Jутјуб почнал да блокира корисници набрзо по претседателски избори во 2020 година, оспорени од Трамп. Во декември таа година Јутјуб укинал повеќе од 8.000 канали и илјадници „штетни и погрешни“ видеа поврзани со изборите, вклучувајќи содржини во кои се тврди дека „широко распространета измама или грешки имале влијание врз резултатите од изборите.
Панелите за проверка на факти од трети страни биле „активирани“ повеќе од 200.000 пати за содржини поврзани со интегритетот на гласачките машини и со пребројувањето на гласовите.
Биле забранети содржини на истакнатите корисници, меѓу кои заменик-директорот на ФБИ, Ден Бонгино, секретарот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор, и сенаторот Ренд Пол. Бонгино беше трајно забранет на Јутјуб од јануари 2022 година откако објави две видеа што фрлаат сомнеж врз носењето маски за да се спречи ширењето на ковид-19.
Гугл е обвинет и за демонетизација на конзервативниот медиумски издавач The Federalist. Директорот и коосновач Шон Дејвис не прифаќа извинување и бара отштета.
Кратко „жалиме“ сега кога се во неволја нема да биде доволно. Нивната цензура нè чинеше милиони, изјави Дејвис.