
Гугл објави отворено писмо од компанијата до првиот човек на австралиските регулатори кои сакаат да го воведат плаќањето, плус пакетче дополнителни мерки, а за да биде писмото уште „поотворено“ истото го закачи на насловната страна на Гугл Австралија, со вовед:
„Начинот на кој Австралијците секој ден пребаруваат на Гугл е загрозен од новата владина регулатива.“
Алармантноста на целата работа Гугл ја надополнува со жолт триаголник со извичник во него, а доколку некако сте ја пропуштиле пораката таа се повторува и како поп-ап додека се пребарува на Гугл.
Срцепарателната драмолетка што ја прави Гугл се должи на тоа што австралиските регулатори, АЦЦЦ (Australian Competition & Consumer Commission), по година и пол истражување објавија извештај во кој заклучуваат дека дигиталните платформи (Гугл, Фејсбук) имаат значителна надмоќ во преговарањето. Од друга страна, новинските куќи, се далеку помалку моќни и ваквиот дисбаланс има значително штетно влијание за просечниот читач.
Во април австралиската влада побара од АЦЦЦ да создаде правила за преговори меѓу новинските куќи и технолошките платформи. Кога кон крајот на јули се појави предлогот од АЦЦЦ, во него беше наведено дека Гугл и Фејсбук ќе треба да им плаќаат надомест на медиумите за вестите што ги објавуваат на своите платформи. Целта на ова е медиумите малку од малку да ја вратат својата моќ во однос на технолошките платформи кои ги агрегираат нивните вести, и да не можат да бидат толку лесно уценувани во преговорите со нив.
По сето ова, Гугл сега ја предупредува австралиската јавност дека со предлогот од АЦЦЦ, Гугл ќе биде присилен своите аналитики и останати бројки да ги споделува со големите новински компании, наместо да ги користи само тој како до сега. Плус, насоките во нацрт предлогот „драматично би ги влошиле резултатите од Гугл и Јутјуб пребарувањата“.