
Гринпис треба да ѝ плати отштета од најмалку 650 милиони долари на компанијата „Енерџи трансфер“ поради блокада на изградба на нафтовод и кампања за оцрнување пред девет години.
Судска порота во Северна Дакота ја прогласи еколошката група за виновна за кампања за дезинформирање и за организација на „криминални протести“ против пробивањето на нафтоводот Дакота аксес во 2016 и 2017 година.
Гринпис беше обвинет дека ги организирал протестите на локалните Сиукси за да го запре пробивањето на нафтоводот преку резерватот Стендинг Рок. Групата обучила и платила луѓе надвор од заедницата за да ги блокираат градежните работи, ги снабдувала на барикадите и ширела лажни информации за проектот.
Гринпис реагира дека целта на судскиот процес е „да се уништи правото на мирен протест“ и ја обжали пресудата.
Треба да бидеме загрижени за иднината на Првиот амандман. Пресудите како оваа се насочени кон уништување на нашите права за мирен протест и слобода на говор. Гринпис ќе продолжи да се бори за заштита на овие фундаментални права, изјави Депа Падманаба, правниот застапник на групата.
„Енерџи трансфер“ ја поздрави одлуката како „правда за жителите на Северна Дакота што секојдневно биле жртви на малтретирања и блокади“ од демонстрантите финансирани и обучени од Гринпис.
Ова е победа на Американците што го почитуваат законот и што ја разбираат разликата помеѓу правото на слобода на говор и прекршувањето закони, соопшти компанијата.