Од храна и лекови до автомобили, речиси и да нема некоја индустрија во земјата што не страда од неизвесноста која настапи по одбивањето на договорот за брегзит од страна на парламентот. Затоа што сите функционираат со масовни системи за нарачки и планирање на истите, компаниите во знак на предострожност почна да ги полнат резервите за да не останат неспремни по стартувањето на брегзит.
Британската асоцијација за складирање излезе со информација дека 75% од вкупниот капацитет на магацинскиот простор на нејзините членки (со некаде околу 9,3 милиони метри квадратни во магацини) е исполнет.
Ова набивање резерви глатко оди кога се во прашање на пример ориз, конзервирана туна, или делови за автомобили. Проблемот е со свежо овошје, зеленчук и лекови кои не може долго да се чуваат.
Секако целата паника е искористена за правење по уште некоја пара од производителите на т.нр „брегзит кутии“ кои се продаваат за 300 фунти и содржат оброци со долг рок на траење, филтер за вода и комплет за палење оган.
Додека авто-производителите како БМВ немаат проблем со рокот на траење, нивниот проблем е чисто просторен. Како што објаснуваат од таму, тие можат да имаат залиха на резервни делови за неколку денови, доколку прават резерва за подолг рок од неколку дена, „ќе треба да ја изградат највисоката кула во светот“ за да ги сместат. БМВ во Британија годишно увезува околу 2 милијарди евра во резервни делови од ЕУ.
За цело ова време маркетите се прилично таинствени во споделување информации околу сопствените капацитети и резерви од страв да не предизвикаат панично купување од јавноста.
Молкот е дополнително засилен и од одлуката на владата да им наметне на компаниите договори за таинственост, со кои им забранува да откриваат информации околу сопствените залихи поврзани со брегзит.
Бидејќи ЕУ рече дека за нив преговорите се затворени, британските парламентарци имаат до 29 март да се помират и да го прифатат договорот за раскинување со ЕУ што Тереза Меј им го донесе од Брисел. Во спротивно тие остануваат без никаков договор за соработка со ЕУ, и од нула ќе треба да започнуваат соработка со Унијата и нејзините членки.