
Извинете, ама не можам повеќе да издржам. Овој огромен срамотен закон за трошење е одвратна гнасотија. Срам да ви е на сите што го гласаа. Знаете дека згрешивте, порача Илон Маск во досега најжестоката критика на законот, кој претседателот Доналд Трамп го нарекува „прекрасен“.
I’m sorry, but I just can’t stand it anymore.
— Elon Musk (@elonmusk) June 3, 2025
This massive, outrageous, pork-filled Congressional spending bill is a disgusting abomination.
Shame on those who voted for it: you know you did wrong. You know it.
Претставничкиот дом со тесно мнозинство го усвои законот во мај. Сенатот треба да се произнесе најдоцна до 4 јули, но не е сигурно дека ќе помине, иако републиканците имаат мнозинство. Неколкумина истакнати републикански сенатори го оспорија поради зголемувањето на дефицитот на 600 милијарди долари во идната фискална година и кревањето на плафонот за задолжувања на 4.000 милијарди долари.
На 31 мај, кога заврши 129-дневниот мандат на Маск како неплатен надворешен советник на Белата куќа, милијардерот го нарече законот „разочарувачки“ и се насмевнуваше пред камерите на официјалната разделба од Трамп. Претседателот тогаш кажа дека Маск „секогаш ќе биде на располагање за да помогне“.
Неполна недела подоцна, Маск го критикуваше законот пожестоко дури и од опозициските демократи, истакнувајќи дека „ќе ги задуши Американците во неодржливи долгови“. На републиканците им се закани и со политичка одмазда.
Следниот ноември, ќе ги отпуштиме сите политичари што го предадоа американскиот народ, напиша тој, алудирајќи на изборите за конгресмени и сенатори.
Коментарите на Маск се обид да го продлабочат расколот во Републиканската партија.
Сенаторот Ранд Пол од Кентаки рече дека нема да го поддржи предлог-законот ако се зголеми задолжувањето. Трамп му одговори со лични критики: „Луѓето од Кентаки не можат да го поднесат. Неговите идеи се луди“.
Порталот Аксиос забележува дека вистинската причина за критиките на Маск се неговите лични фрустрации, бидејќи законот ги погодува неговите бизниси. Се намалуваат субвенциите за електрични автомобили, иако компанијата Тесла до април потроши 240.000 долари на лобирање тоа да биде исфрлено од законот.
Маск исто така инсистираше Федералната администрација за авијација да ја користи неговата флота од сателити Старлинк за национална контрола на авиосообраќајот, но тоа беше одбиено поради технолошки причини. Последниот конфликт беше одбивањето на предлогот Џаред Ајзекман да биде назначен за администратор на НАСА.