
САД, Обединетото Кралство, Канада и Австралија нагазија на своите анти-кинески ставови и решија да извршат дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри, кои треба да се одржат следниов февруари во Пекинг.
Дипломатски бојкот значи дека спортистите ќе бидат во Пекинг, само ќе ги нема политичките делегати и „важните“ фаци. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки рече причина за бојкотот се кршењата на човековите права во Кина а другиве терцираа со слични конструкции.
Го убоде - Макрон. Тој е против бојкотот кој го смета за „небитен и симболичен.“ Нормално, бидејќи неприсуството на дипломати на Олимпијадата никому не му е важно, најмалку на публиката која обично сака да гледа спорт, а не да скенира кој тоа седи во ложите. „Или имате целосен бојкот и не испраќате спортисти“, рече Макрон, „или воопшто не бојкотирате“.
Не па дека и целосен бојкот некогаш вршел работа. Имаше многу бојкоти на Јужна Африка заради апартхејдот но на крајот, тој беше симнат не заради нив туку заради реалната политичка битка на терен.
Америка и нејзините држави чирлидерки организираше бојкот на Олимпијадата во Москва во 1980 година, во знак на протест против советската инвазија на - хехе - Авганистан, во 1979 година. Со оглед на тоа што Црвената армија остана во Авганистан уште девет години, јасно е дека бојкотот не влијаеше врз никого, освен врз спортистите кои останаа без шанса да се покажат на светската спортска сцена.
„Бојкотот на Пекинг 2022 нема никаква практична смисла. Тој нема да го запре прогонот на Ујгурите, нема да ги врати основните слободи во Хонг Конг или да ја направи Кинеската Комунистичка Партија помалку репресивна. Целта на овој бојкот е само да ги демонстрира „доблестите“ на Западот. „Претенциозен чин“, како што со право го нарече кинеската амбасада во Вашингтон“, пишува британскиот колумнист Тим Блек.
Бојкотот нема да создаде поволна преговарачка атмосфера за битни глобални прашања меѓу Запад и Кина. Напротив, тој ги дели државите на добри и лоши, на бојкотирачи и бојкотирани, на судии и судени. Тој само ќе го зајакне авторитетот на КПК и ќе ги поттикне антизападните чувства во Кина.
Бојкототот не генерира ништо освен едно - антагонизам. Но, веројатно токму тоа е поентата.