Глобални препораки за нафтената криза: Работа од дома, возете бавно, не летајте...

Меѓународната агенција за енергија неодамна одобри историски најголемо ослободување на стратегиски државни резерви на нафта за да го смири шокот на цената на горивата поради војната во Иран. Откако тоа не помогна, сега објави список од десет мерки и ограничувања што им ги препорачува на владите да ги наметнат за да ја ублажат кризата.

Целта на препораките е да се намали потрошувачката на гориво и да им се помогне на домаќинствата и бизнисите да се подготват за долготрајно нарушување на енергетските пазари.

Ограничувањето на побарувачката е една од мерките за итен одговор што сите земји-членки на ИЕА се должни да ја подготват за непредвидени ситуации и да ја користат за да придонесат кон колективната акција во случај на вонредна состојба како ова сегашно нарушување, соопшти агенцијата.

Повеќето од десетте мерки се фокусираат на горивата за автомобилите, камионите и авионите, но се бараат и ограничувања и во домовите. Препорачаните мерки за заштедување гориво, особено на природен гас се:

  1. Работење од дома каде што е можно;
  2. Намалување на ограничувањата на брзината на автопатите за најмалку 10 километри на час;
  3. Поттикнување на јавниот превоз;
  4. Ограничен пристап за автомобили до улиците во големите градови во различни денови (шемите „пар-непар“ според бројката на регистарските таблички);
  5. Заедничкото користење автомобили;
  6. Оптимално товарење на комерцијалните возила;
  7. Префрлање на возилата од гас на бензин (за да се зачува гас за готвење);
  8. Избегнување на патувања со авион;
  9. Готвење на струја наместо на гас;
  10. Флексибилност на индустриските капацитети заради префрлање кон други горива.

Агенцијата за енергија забележа дека некои влади веќе усвојуваат мерки за намалување на побарувачката за нафта и за поддршка на домаќинствата. Австрија и Грција ги ограничуваат маржите на профит кај трговците со гориво. Во Британија, ранливите домаќинства ќе добијат помош за да платат нафта за греење.

Во зависност од развојот на ситуацијата, агенцијата би можела повторно да ослободи нафта и гас од резервите.

Не се гледа дека конфликтот во Иран ќе се реши брзо, поради што влијанието врз енергетските пазари и економиите ќе стане сè посериозно, изјави директорот на ИЕА, Фатих Бирол.

20 март 2026 - 10:33