Германска „жешка линија“ за кодошење теории на заговор

Луѓето што веруваат дека светот го управуваат гуштери или дека ги шпионираат гулаби веројатно имаат потреба од советување во стручни институции. Но, кога Министерството за внатрешни на Германија отвора специјален центар за помош на „жртви“ на теории на заговор, тоа личи на орвеловска параноја и обид да се репрограмираат граѓаните да ги кодошат своите најблиски.

Министерството за внатрешни работи на Германија формираше советодавен центар за луѓе што се трауматизирани од роднини, пријатели или колеги склони кон теории на заговор. Центарот им нуди помош и преку телефонски или директен разговор и ги поучува како да се одбранат. Целта, според поранешната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер од СПД, е да се запре ширењето на лажни вести и дезинформации, кои водат кон екстремизам.

„Компасот за совети за теории на заговор“ (Beratungskompass Verschwörungsdenken) всушност не е управуван од владата, туку од неколку невладини организации. Меѓу нив е и Фондацијата Амадеу Антонио, која во 2022 година формираше канцеларија за „антифеминистички активности“, со цел да документира сведоштва и да ги предава податоците на државата.

Новата мрежа треба да собира податоци за луѓе со погрешни ставови, кои не се незаконски, што прилега на политиката на тоталитарниот советски режим. 

Теориите на заговор се придружени со лаги и дезинформации. Тие намерно се шират за да го поделат нашето општество и да ја уништат довербата во независната наука, слободните медиуми и демократските институции. Може да доведат до екстремистички идеологии и да поттикнат злосторства и насилни акти, се објаснува на веб-страницата.

Посочувајќи ги како пример „дезинформациите“ за време на пандемијата на ковид, владата ги повикува граѓаните „да внимаваат на секој што шири теории на заговор за војната во Украина“.

Луѓето во најблиското опкружување - во семејството, меѓу пријателите или на училиште, обично се првите што забележуваат ширење на теории на заговор. Отворен дијалог на еднаква основа често пати не е возможен, бидејќи другото лице не прифаќа аргументи. Затоа воспоставувањето на национален советувачки центар е важна коцка во борбата против екстремизмот и дезинформациите, објаснува министерката Фезер на сајтот на центарот.

Канцеларијата се поврзува и со одлуката на службата за домашно разузнавање да ја прогласи за „екстремистичка“ десничарската Алтернатива за Германија, која сега е најпопуларната партија во земјата. АфД не е забранета, но статусот „екстремистичка“ им дава право на службите за безбедност да прислушуваат нејзини членови или да уфрлаат свои активисти во партијата.

АфД го повика новиот канцелар Фридрих Мерц да го укине центарот воспоставен од претходниот кабинет на Олаф Шолц.

Неверојатно е на што се е спремна владата да троши пари од даночните обврзници, коментира АфД.

13 мај 2025 - 12:44