Германците на фронт за одбрана на колбасите

Европската криза не беше тема околу која Германците се потресоа доволно за да излезат на улица, ниту пак шпионирањето од Американците не ги вознемири доволно за да се помрднат, сега некој реши да си ја проба среќата и да им ги закача колбасите.

Зелената партија предложи воведување на вегетаријански ден во кафетериите на компаниите низ цела Германија: "Вегетаријански ден ќе биде одлична шанса да видиме како можеме да се храниме без месо и колбаси."

"Реакциите беа како таа да предложила истовремено воведување на ограничување на брзината на Аутобанот, забрана за пиење пиво и укинување на Октоберфест," пишува Шпигел.

Министерот за земјоделие преку портпаролот изјави дека "не веруваат во преголемо наметнување на државата. На крајот од денот, на сите ни треба балансирана диета а месото е дел од неа."

Лидерот на Слободните демократи (еден од помалите коалициони партнери на Меркел) изјави: "Луѓето се доволно паметни сами да одлучат дали сакаат да јадат месо и зеленчук и кога не сакаат. Постојано да им кажуваме на луѓето што треба да прават не е моето сфаќање на слободата."

Слободните демократи организираа и импровизирано правење скара пред седиштето на Зелената партија, каде бесплатно делеа сендвичи на минувачите.

Зелените во своја одбрана се обидоа да објаснат дека "никој никому ништо не забранува... меѓутоа би било убаво да се намали количината на месо што ја јадат Германците." (Просекот им е 60 килограми годишно, додека светскиот е 46 килограми.)

7 август 2013 - 16:14