Франција го национализира своето Електростопанство

„Мораме да имаме комплетен суверенитет во пресрет на огромните енергетски предизвици кои нè чекаат“, порача француската премиерка во нејзиниот прв говор во парламентот и најави дека државата планира да стане 100 процентен сопственик на електрогигантот ЕДФ.

Франција треба да го ре-национализира својот задолжен електроенергетски гигант ЕДФ (Electricite de France) за да се справи со енергетската криза влошена со руската инвазија на Украина, изјави француската премиерка пред поделениот парламент.

Елизабет Борн која премиерка стана во мај, вети дека ќе го ограничи влијанието на растечките цени на енергијата и покрај политичките превирања во кои се наоѓа Емануел Макрон откако на неодамнешните избори ја загуби контролата врз парламентот.

„Мораме да имаме целосна контрола врз нашето производство и перформанси на електрична енергија“, рече Борн во својот прв говор пред парламентот, обидувајќи се да избегне парламентарна блокада.

„Мораме да го обезбедиме нашиот суверенитет пред последиците од војната и колосалните предизвици што доаѓаат... Затоа ви ја потврдувам намерата на државата да поседува 100% од капиталот на ЕДФ“.

Француската држава веќе има 84% од акциите во ЕДФ,  но компанијата се соочува со одложувања и пречекорувања на планираните буџети за новите нуклеарки, корозија на застарените реактори и слично. Макрон, кој во април доби втор претседателски мандат, најави огромни инвестиции во нови нуклеарни реактори како столб на француската намера за јаглеродна неутралност.

Национализирањето на ЕДФ е идеја што беше промовирана од левицата, а говорот на Борн се смета за обид да се привлечат различните агли на длабоко поделениот парламент, за да се избегне институционална парализа.

7 јули 2022 - 12:37