
Движењето Муслиманско братство е закана за националната кохезија во Франција и мора да се преземат активности за да се запре ширењето на политичкиот исламизам, се тврди во доверлив извештај на француската влада. Утврдена е антирепубликанска и субверзивна природа на движењето формирано во Египет пред речиси сто години со цел да се создаде обединета шеријатска држава за сите муслимани.
Во извештајот доставен до Советот за одбрана се посочува дека исламистичкото движење го губи своето влијание во арапскиот свет и ги фокусира своите напори на Европа. Се предупредува дека во Франција се создаваат се побројни исламистички екосистеми со цел постепено да се променат локалните или националните правила, особено оние што се однесуваат на секуларизмот и родовата еднаквост.
Министерот за внатрешни работи Бруно Ретајо изрази загриженост дека крајна цел на исламизмот е да го сврти целото француско општество кон шеријатските закони, иако авторите на извештајот забележуваат дека „засега ништо не укажува на радикални акции како основање исламска држава во Франција“.
Не се соочуваме со агресивен сепаратизам туку со суптилна, но не помалку субверзивна закана за институциите, велат авторите.
Габриел Атал, генералниот секретар на партијата Ренесанса на претседателот Макрон, побара да се воведе забрана девојчињата на возраст под 15 години да носат муслимански шамии на јавни места. Родителите што ќе ги принудат децата да носат хиџаб ќе се соочат со кривични пријави поради сериозно поткопување на родовата еднаквост и заштитата на децата.
Според сегашните закони, службениците во јавните институции, вклучувајќи ги училиштата и болниците, не можат да носат очигледни религиозни симболи како што се христијанско распетие, еврејска кипа, турбан или муслиманска марама. Во 2004 година, Франција им забрани на девојчињата да носат исламски шамии во државните училишта (заедно со забраната на сите други верски симболи како што се крстови или турбани). Владата расправа и за нов закон за забрана на носење муслимански шамии на домашните спортски натпревари.