ФБИ купува податоци од мобилни за да следи луѓе

Шефот на ФБИ призна пред Сенатот дека федералната полиција купува комерцијално достапни податоци што откриваат точни локации и движења на луѓе за да може да ги следи во свои истраги. Ова се прави со години наназад, иако Врховниот суд во 2018 година забрани користење податоци за геолокации од мобилни телефони без судски налог.

Ние купуваме комерцијално достапни информации што е во согласност со Уставот и Законот за приватност на електронските комуникации. Тоа доведе до некои вредни разузнавачки информации за нас, сведочеше Кеш Пател на годишното сослушување пред Комитетот за разузнавање на Сенатот.

И поранешниот директор Кристофер Реј во сослушување пред Сенатот во 2023 година потврди дека ФБИ купувало податоци за геолокација, но истакна дека тој лично наредил бирото да дејствува само врз основа на судски налог. Пател не кажа дека дал такви ограничувања.

Врховниот суд во 2018 година во одлуката за случајот „Карпентер против САД“ пресуди дека владините агенции кои без судски налог пристапуваат до податоци за историски локации ја кршат „заштитата од неразумни пребарувања“ од Четвртиот амандман.

Но, активистите за правото на приватност велат дека одлуката оставила отворена очигледна дупка во законот што ѝ овозможува на владата едноставно да купи сè што поинаку не може законски да го добие. Познато е дека оваа дупка ја искористиле Агенцијата за царинската и гранична заштита и Агенцијата за одбранбено разузнавање.

Министерството за внатрешна безбедност купило геолокации на милиони Американци од приватни маркетинг фирми. Во тој случај, податоците биле добиени од низа бенигни извори, како што се мобилни игри и апликации за временска прогноза. Освен федералната влада, познати се и случаи на властите во сојузни држави и во окрузи да купуваат софтвер што собира податоци за следење на мобилни телефони.

Претседателот на Комитетот, Том Котон, на сослушувањето на Кеш Пател ја бранеше тактиката на ФБИ.

Клучните зборови се комерцијално достапни. Ако кое било лице може да го купи тоа, зошто не би го купил ФБИ за да лоцираат развратен педофил или водач на картел. Се надевам дека ФБИ прави сè што може за да ги заштити Американците, изјави Котон.

Многумина сенатори инсистираат ова практика да запре. Демократот Рон Вајден и републиканецот Мајк Ли пред една недела го претставија Законот за реформа на владиниот надзор, кој законски ќе ги обврзе федералните агенции и разузнавачките агенции да бараат налог за купување лични информации на Американците. Сличен закон е предложен и во Претставничкиот дом од конгресмени од двете партии.

Следењето без налог е скандалозен обид за заобиколување на Четвртиот амандман. Ова е особено опасно со оглед на употребата на вештачка интелигенција за пребарување огромни количини приватни информации, изјави Вајден. 

23 март 2026 - 09:27