Членовите на Европската комисија се како некаква чудна дружина. Ги има секакви: мачо типови, негирачи на климатските промени, индустриски лобисти, уништувачи на човекови права - изгледа дека нема такво нешто што би можело да дисквалификува еден национален политичар да стане ЕУ комесар. Дури и оние кои не се реални политичари можат да се пробаат.
Таков е случајот со Словенката Виолета Булк, која работела како министер само три недели пред да биде испратена во Брисел. Претходно била бизнисменка со апетит за езотерија - на нејзиниот блог опишала возбудливо искуство на одење по вжарен јаглен. Можеби токму ова ја квалификувало за Комесар за транспорт? Но што е следно? Шамани, кротители на ѕверови, привикувачи на духови?
„Има само еден начин да се излезе на крај со демократска практика која станува излитена стара рутина - да се отарасиме од неа" - вака пишува Барбара Весел од Дојче Веле за назначувањето ЕУ комесари од страна на Европскиот парламент преку нетранспарентна процедура која повеќе личи на театар отколку на вистински избор. За кандидатите единствена релевантна квалификација изгледа дека е добрата меморија која служи да се запомнат вистинските жаргонски изрази, и нивно бескрајно долго комбинирање без да се каже ништо, како и тоа дали тие се вклопуваат во пошироката стратегија која ја кројат најсилните играчи.
Притоа, назначувањето на споменатата Булк ни од далеку не е најнесоодветниот избор на ЕУ комесар - Шпанецот Мигуел Ариас Канете, акционер во нафтена компанија, е назначен за нов комесар за климатска акција и енергетика. А пак извесен лорд Хил, кој до сега не беше познат вон Вестминистерските кругови, и кој целиот живот работел како лобист и експерт за односи со јавност одеднаш стана комесар за финансиска стабилност, само затоа што е добар пријател со Дејвид Камерон. Но овие избори биле направени само затоа што двата главни политички блока во Европскиот парламент - конзервативците и социјалдемократите - се согласиле со нив, па така непречено можел да се формира тимот на претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, кој во спротивно немаше да дојде на таа позиција.
„Јункер и неговата трупа мора да биде потврдена за различните позиции. Притоа не е важно колку коцки ќе треба да се набутаат во кружни дупки", заклучува новинарката на Дојче Веле. Тој избор и беше потврден деновиве, кога поранешниот лидер на Луксембург и комесарите го добија мандатот да раководат со политиките на Европската комисија составена од 28 нации во следните пет години.