Европска „солидарност“: Ќе платат, ама азиланти не прифаќаат

Иако пред две години ЕУ договори Закон за азил, повеќето европски членки не сакаат да прифатат мигранти на своја територија за да им помогнат на најоптоварените земји – Грција и Италија. Тие, пак, не ги примаат барањата за азил на луѓето што продолжиле кон север. Конфликтот води кон укинување на Шенгенската зона и повторно кревање на огради и гранични контроли.

Европската комисија најдоцна до вчера требаше да пресече кои членки се најоптоварени со новиот мигрантски бран и каква помош треба да добијат. Но, поради жестоката расправа, заклучокот е одложен. 

Новиот закон на ЕУ за азил и миграција – усвоен во 2023 година, мора да биде спроведен најдоцна до јуни 2026 година. Според договорената рамка, Комисијата треба да објави кои земји се под миграциски притисок, а владите на другите земји се обврзани или да прифатат мигранти на своја територија или да им помогнат на преоптоварените земји со финансии и персонал. Никој не сака да ги отвори портите.

Белгиската министерка за миграција, Анлин Ван Босујт, изјави дека нејзината земја ќе плати, бидејќи системот за прифаќање азиланти е полн. Финската министерка за внатрешни работи Мари Рантанен, категорично отфрла прифаќање мигранти од други земји. Холандија најави дека ќе плати. Шведскиот министер за миграција Јохан Форсел се пожали дека неговата земја примила премногу азиланти во изминатата деценија и нема повеќе. 

Владите не договорија ни систем на задолжително признавање на одлуките за азил донесени во други земји од ЕУ. Италија и Грција, кои се на фронтот на мигрантскиот бран, не ги спроведоа обврските од Даблинските правила, кои пропишуваат која земја треба да ги обработува барањата за азил. Вообичаено тоа треба да го прават земјите на чија територија првпат стапнале мигрантите.

Поради општото противење, Брисел ќе мора да изработи сложен процес на компензации. Еврокомесарот за миграција Магнус Брунер не отфрла ни целосна реформа на законот. 

Ако членките одбиваат да ги спроведат правилата што веќе ги договориле, тоа фундаментално би го поткопало кредибилитетот на заедничкиот европски систем за азил. Како непосреден резултат, ќе имате повторно воспоставени внатрешни гранични контроли низ Шенген зоната и ќе имате систематски враќања на надворешните граници, предупреди Алберто-Хорст Најдхарт, виш политички аналитичар во Европскиот политички центар.

Тој додава дека сегашната расправа има „многу различен политички контекст“ од онаа по миграциската криза во 2015 година, бидејќи „националните влади сега се многу посебични“.

16 октомври 2025 - 08:31