Европа во две демографски бои

Германците изработиле интерактивна карта од која се гледа што тоа се случува со населението во Европа во последниве 6 години. Главниот тренд е дека градските предградија растат, на сметка на руралните области. Ако одите во Дебарца, нема од кого упаљач да побарате.

Демографските процеси секогаш се динамични. Некои места и региони гио губат населението а со тоа и својата важност додека други растат и се развиваат. Интерактивната карта изработена од германскиот завод за урбанизам и просторно планирање покажува што на овој план се случува во Европа во последните шест години.

Картата е тука и можете сами да разгледувате и шетате со маусот.  Таа ја илустрира состојбата во преку 100.000 европски локални заедници во 44 земји, во периодот од 2011 до 2017 година. За Грција, Албанија и Кипар немале податоци па се бели.

Главниот тренд се вика ефект на раст на приградски населби кој може да се детектира во многу европски држави. особено е воочлив во Полска каде што предградијата на големите градови на Варшава и Гдањск растат енормно на сметка на руралните делови кои опустошуваат.

Слично е и со големите или средни германски градови, дури и оние на истокот од земјата. Магдебург и Росток се динамични а најголем бум има Лајпциг кој во наведениот период пораснал за 70.000 жители. Но затоа се празнат големи рурални области на истокот, каде политичарите тешко успеваат да ги исполнат уставните пропозиции за рамномерен развој и еднакви услови за живот, во смисла на транспортни линкови, број на лекари и пристап до брз интернет.

Шпанија е бетер и во неа доминантната боја се сината, што зборува за општиот негативен демографски тренд во цела земја. Исклучок се само пошироките појаси околу Мадрид, Барселона и Билбао.

Дури и Турција која има свои специфики го следи истиот тренд. Таа мина низ фаза на брза и значајна модернизација и развој но знае одвреме-навреме да биде стресена од економски кризи. А во такви случаи, и таму се повторува истиот патерн, dа се напушти селото и да се дојде поблиску до градот.

Македонија е ваква: Дебарца се испразнила, а Студеничани демек живо-живо. Како тоа го знаат кога немаме ни попис ни други релевантни мерни показатели, не ни е најјасно. Ама Германци, ваљда знаат.

 

19 јули 2019 - 12:00