Европа има помалку бебиња и постари мајки

Прекарот Старата Дама сè повеќе ѝ прилега на Европа. Жените доцна стануваат мајки, Италијанките на возраст од речиси 32 години. Проекциите се дека земјите од Европската Унија ќе стареат уште побрзо и до крајот на векот ќе изгубат 152 милиони луѓе, ако демографската дупка не се пополнува со имиграција.

Европа старее. Секој петти жител на Европската Унија денес е на возраст над 65 години.

Демографската криза се продлабочува со рекорден пад на бројот на новородени бебиња. Се намалува стапката на фертилитет (просечен број бебиња на секоја жена), а се зголемува возраста на која жените стануваат мајки.

Експерти предупредуваат дека европските земји ќе стареат уште побрзо, ако демографската дупка не се пополнува со имиграција. Последиците може да бидат катастрофални за економијата и за благосостојбата, бидејќи ќе има сè помалку работоспособни луѓе што ќе мора да издржуваат сè повеќе пензионери.

Проекциите говорат дека до крајот на векот Европа ќе изгуби една третина од населението, од сегашните 447 милиони на 295 милиони жители во 2100 година. Ако во проекциите се вклучи и ефектот од миграцијата, падот ќе биде 6%, на 419 милиони жители.

Новиот извештај на Еуростат покажува дека во 2023 година низ Европа биле родени 3,67 милиони бебиња, што е рекорден годишен пад од 210.000 бебиња или 5,4% во споредба со претходната година.

Просечната стапка на фертилитет била 1,38 бебиња на жена, најниска во ЕУ од 2004 година. Бугарија имала највисока стапка на фертилитет од 1,81 бебиња на секоја жена, пред Франција (1,66) и Унгарија (1,55). Најниска имале Малта (1,06) и Шпанија (1,12). Сите стапки се под нивото за демографско одржување на населението, кое во развиените земји е 2,1 новородено бебе на секоја жена.

Просечната возраст на жените што го родиле првото дете се искачила на 29,8 години. Бугарките се најмлади мајки. Го добиваат првото дете на 26,9 години, а Италијанките на 31,8 години.

Збунува и податокот што Евростат дури вчера го објави извештајот за 2023 година. Кина, за споредба, веќе во средината на јануари ги објави демографските податоци за 2024. Патем, показателите на Кина не беа добри - населението се намалило за 1,39 милион, но имало половина милион повеќе новороденчиња во споредба со 2023 година.

Официјалните податоци на Евростат за мигрантите се уште побајати, за 2022 година. Тогаш во ЕУ пристигнале околу 5,1 милион луѓе од други земји, што било двојно повеќе од претходната година (во која сè беше заклучено поради пандемијата). Агенцијата за заштита на границите Фронтекс објави дека во 2024 година во ЕУ нелегално пристигнале 239.000 мигранти.

8 март 2025 - 14:43