ЕУ сака нов трансатлантски партнер – Канада

Брисел и Отава работат на сеопфатно партнерство што ќе се протега од трговија до безбедност, со кој планираат да им парираат на глобалните политички гиганти - САД и Кина. Идеолошки, Канада е најблиска до Европската Унија, поблизу дури и од Британија, која е оптоварена со багажот од брегзитот. Партнерството сепак нема да опфаќа членство на Канада во ЕУ.

Се очекува претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да ги објави плановите за новиот трансатлантски сојуз за време на нејзиниот говор за состојбата на Унијата во Стразбур идната недела. Канадскиот премиер Марк Карни ќе присуствува на говорот, а следниот ден ќе им се обрати на европските пратеници.

Идеолошки гледано, Канада е земјата надвор од Европа што е најблиска до ЕУ. Канада успешно ја спроведува својата агенда за суверенитет во однос на економските и одбранбените прашања. Таа кампања би можела да послужи како пример за напорите на ЕУ да ја намали сопствената зависност од странство, изјави извор на Блумберг, запознаен со плановите на Брисел.

Брисел и Отава разговараат и за продлабочување на постоечките врски. Имаат партнерство во областа на безбедноста и одбраната, како и сеопфатен трговски договор. 

Извори од другата страна на Атлантикот укажуваат дека Владата на Карни го поставила продлабочувањето на партнерството со ЕУ како врвен приоритет и активно разгледува секакви опции, освен полноправно членство. Аранжманите ќе опфатат сите аспекти на односите, вклучувајќи ги трговијата, безбедноста, синџирите на снабдување и критичните суровини. Во фокусот се стратешките капацитети, како соработката во одбраната, научните и вселенските истражувања.

Сè уште не е јасно дали ќе бидат потребни нови правни механизми за формализирање на партнерството, но разговорите се во тек, а владата на Карни ќе се консултира со провинциите и со претставници на индустријата, објаснува канадскиот функционер.

Во впечатливото обраќање пред Светскиот економски форум во Давос во јануари, Карни предупреди дека меѓународниот поредок заснован на правила е „практично мртов“ и ги повика „средните сили“ да создадат нова глобална архитектура за да се спротивстават на тактиките на притисок и заплашување од страна на светските големи сили. Тој не го спомна по име американскиот претседател Доналд Трамп, но повика новите сојузи да бидат последната линија на одбрана против земјите што по сопствена волја ја наметнуваат својата економска и воена моќ.

САД и Канада неодамна воведоа реципрочни царини. Трамп постојано ги критикува трговските политики на ЕУ и повремено ја отвора темата за припојување на Гренланд кон Америка.

Дипломати предупредуваат на ризикот од недоразбирања слични на оние за време на преговорите на Брисел со Лондон за начинот за поврзување на пазарите откако Британија ја напушти Европската Унија. Првите конкретни анализи ќе почнат откако Урсула фон дер Лајен официјално ќе го претстави планот на 16 септември. Веќе во октомври е планиран и самит во Канада.

10 септември 2026 - 16:20