Во резолуцијата која се очекува во среда да биде прифатена со големо мнозинство, парламентарците бараат ЕУ да ги затвори своите пристаништа за руски бродови и да им одбие пристап на бродовите кои патуваат кон Русија, освен оние што носат витални хуманитарни залихи.
Меѓу барањата кои се помалку веројатни да бидат прифатени е целосно запирање на сите инвестиции од ЕУ во Русија, како и блокада на Северен тек 2 за век и веков (згора на блокадата од германската влада).
Пратениците сакаат истиот пакет санкции да биде наметнат и против Белорусија.
Што се однесува на вчерашното украинско барање за итен прием на земјата во ЕУ, Унијата го покажа целиот сјај на својот бирократски говор, порачувајќи дека:
„Резолуцијата ќе повика ЕУ институциите да работат кон давање кандидатски статус на Украина како дел од процес ’базиран на заслуга’, додека истовремено ќе се продолжи интегрирањето на Украина во единствениот ЕУ пазар.“
Како што забележува Гардијан „овие зборови се нерелевантни па дури и украсни, кога освојувачки 40-километарски руски конвој се приближува кон Киев а цивили гинат во бомбардирање“.
„Референцата ’базирано на заслуга’ исто така ги стишува надежите за членство. Група држави од западен Балкан од 8 до 17 години чекаат во редот за членство во ЕУ, а високи функционери долго време порачуваат дека нема да има кратенки во борбата со корупцијата и судските реформи,“ пишува Џенифер Ранкин во Гардијан.
Резолуцијата на Европскиот парламент повикува на „мулти-милијарди евра помош“ за Украина, а истовремено бара Русија да ја сноси одговорноста за значителните загуби и да се побара од нејзе да и компензира на Украина.
„Европскиот парламент речиси нема никаква моќ во надворешната политика на ЕУ, но често пати врши притисок во функционерите на ЕУ за да преземат нешто повеќе и побрзо,“ објаснува Ранкин.