ЕУ ќе протне пари до Киев за да издржи до мај

Без заемот од ЕУ, државната каса на Украина наскоро ќе остане празна. Европската Унија најде алтернативен начин како да му достави пари на Киев да издржи барем до мај, со голема надеж дека Орбан тогаш повеќе нема да биде премиер на Унгарија, или дека ќе омекне ако победи на изборите. Заканата за блокада од словачкиот премиер Фицо се смета за „помала пречка“.

Досегашните проценки на ЕУ укажуваа дека Киев ќе банкротира на крајот на март. Овој рок сега е поместен до мај, откако Меѓународниот монетарен фонд одобри заем за Украина од 8,1 милијарда долари, од кои итно исплати 1,5 милијарди, а некои членки на ЕУ ќе издвојат сопствени пари за билатерална помош.

Лидерите на Европската Унија сè уште се надеваат дека на самитот идната недела ќе успеат да ги убедат унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот Роберт Фицо да го одобрат заемот од 90 милијарди евра, кој треба да ѝ овозможи на Украина да ги исполни државните обврски и да ја продолжи војната со Русија барем до идната година.

Орбан и Фицо отворено се заканија дека ќе го блокираат заемот, особено откако Украина го прекина доставувањето нафта до нивните земји преку нафтоводот Дружба. Унгарија приведе и курири што пренесуваа пари од Австрија за Киев и најави дека ќе ја заплени нивната пратка во вредност од околу 80 милиони евра.

Брисел веќе изготви помошен план што би го заобиколил ветото од Орбан и Фицо, тврдат извори на Политико. Неименувани балтички и нордиски земји се согласиле да ѝ дадат на Украина околу 30 милијарди евра преку билатерални заеми, кои не мора да бидат одобрени од Европската Унија. Холандскиот министер за финансии Елко Хајнен потврди дека неговата влада одобрила билатерална помош за Киев од 3,5 милијарди евра годишно до 2029 година.

Не е прв пат да се соочуваме со слични тешкотии со Унгарија. Ќе го реализираме овој заем на еден или друг начин, изјави еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис.

Пресметката во Брисел е дека Украина ќе издржи додека не завршат парламентарните избори во Унгарија, на кои е можно да победи опозициската партија Тиса. ЕУ е убедена дека се поголеми шансите опозицискиот лидер Петер Маѓар да го одобрил заемот, особено ако во меѓувреме Украина го поправи нафтоводот Дружба. Потенцијален „морков“ за Маѓар би било и деблокирањето на 16 милијарди евра за Унгарија од програмата SAFE, која обезбедува евтини кредити за купување оружје.

Брисел, исто така, верува дека ако Орбан победи на изборите, тој полесно би се согласил со деблокада на заемот за Украина, затоа што тоа нема повеќе да му служи како аргумент за привлекување гласови.

Словачкиот премиер Фицо се смета за „помала пречка“, иако и тој вети пред своите граѓани дека ќе го блокира заемот. Фицо наводно „омекнал“ по средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера во Париз. По разговорите за враќање на транзитот на руска нафта преку украинска територија до Словачка, Фицо изјави: „Драго ми е што за ова прашање го делиме ставот со Европската комисија“.

11 март 2026 - 13:27