ЕУ бара столче на преговарачката маса за Украина

Велика Британија, Франција и Германија порачаа дека треба да бидат вклучени во преговорите за Украина за да се обезбеди траен мир со безбедносни гаранции. Претходно, Доналд Трамп ги олади амбициите дека Украина може да се врати на границите пред 2014 година, а Зеленски преку Гардијан порача дека нема да верува во безбедносни гаранции доколку зад нив не стојат САД.

Последната увертира на Трамп во Москва запрепасти многумина; не само што САД ги отвораат преговорите со Русија, туку и, како што рече министерот за одбрана Пит Хегсет, нереално е Украина да се надева дека на крајот ќе ја врати целата изгубена територија. 

Згора на тоа, САД нема да ја поддржат кандидатурата на Украина за влез во НАТО како бедем против идните руски инвазии. 

Поради сево ова, лидерите на земјите од НАТО и Европската унија лидери стравуваат дека ќе бидат оставени да бидат само посматрачи додека судбината на нивниот континент да се решава без нивен придонес а на нивна сметка.

Највисокиот дипломат на ЕУ, некогашната естонска премиерка Каја Калас која е позната по својот ригиден однос кон Русија и скептицизам кон Трамп  остана на ставот дека членството на Украина во НАТО е најсилна и најисплатлива безбедносна гаранција. 

Таа предупреди дека војната, со европска поддршка, ќе продолжи доколку Зеленски биде исклучен од преговорите. „Ако договорот биде постигнат зад нашиот грб, едноставно нема да функционира“, рече таа. „Украинците ќе продолжат да се борат, а ние ќе ги поддржиме“.

„Позицијата на Брисел – да поддржува убиства онолку долго колку што е потребно – е морално и политички неприфатлива“, коментираше Виктор Орбан. „Додека претседателите Доналд Трамп и Владимир  Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави“.

14 февруари 2025 - 10:39