Изјавата на Путин: „Треба да знаеме каков сосед имаме“, во Ерменија се толкува како отворена закана. На прес-конференција по самитот на Шангајската организација, Путин беше уште попрецизен. Тој забележа дека секоја земја има суверено право да избира партнери и сојузници, но истовременото членство во Европската и во Евроазиската унија е неспоиво од технички аспект.
Имаме различни фитосанитарни и технички стандарди. Многу работи се некомпатибилни, барем во сегашната ситуација. Според тоа, одлуката на Ерменија од пролетта 2025 година за започнување на процесот на пристапување кон ЕУ, всушност е еднаква на повлекување од ЕАЕУ, заклучи рускиот претседател.
Ерменскиот премиер изјави дека нема намера за повлекување од Евроазиската унија, но не сака ни да ги прекине евроинтеграциските процеси.
Разбираме дека ќе дојде време кога ќе мора да се направи конкретен избор. Нашиот став е едноставно дека времето сè уште не е соодветно, одговорил Пашинјан.
Луѓето секогаш треба да имаат избор. Па, дајте им. И ќе го затвориме прашањето. Најлесно е да се праша народот: „Што сакате? Ова или она?“ Тоа е сè, возвратил Путин.
Уште кон крајот на мај, Русија, Белорусија, Казахстан и Киргистан, на самитот на ЕАЕУ во Астана побараа од Ерменија да организира референдум на кој граѓаните би се изјасниле во која Унија сакаат да бидат. Путин му се закани на Ереван со прекин на економската интеграција ако земјата се приклучи кон ЕУ.
Таквиот потег би имал реални последици врз поранешната советска република, која е економски зависна од Русија. Ерменија не само што би го изгубила пристапот до повластените цени на руските енергенси, туку и до договорите за слободна трговија. Ерменските граѓани би морале да вадат работни дозволи за да работат во Русија.
Сепак, Ерменија забележливо се дистанцираше од Москва, особено по војната со Азербејџан за Нагорно-Карабах. Ереван ја обвинува Москва дека не ги исполнила своите обврски од сојузот и дека руските мировни сили не го заштитиле ерменското население од азербејџанската офанзива. Путин објаснува дека Русија не можела да интервенира бидејќи границата меѓу Ерменија и Азербејџан никогаш не била дефинитивно утврдена.
Постојат и конкретни економски спорови. Ерменија преговара со американски и француски компании, паралелно со руската државна корпорација Росатом, за планираната изградба на нова нуклеарна централа.
Москва, пак, води ситна трговска војна против Ерменија. Руски регулаторни тела воведоа низа забрани за увоз – прво за цвеќе и минерална вода, а потоа и за вино и коњак. Следеа забрани за увоз на овошје и зеленчук, наводно поради контаминација. Ереван на овој бран забрани гледа како на политички притисок.
Пашинјан е поканет во Москва за да разговара за спорните прашања. Сепак, сè уште е неизвесно дали вооопшто може да распише референдум. Плебисцит за прашањето за сојузот би требало да биде одобрен од ерменскиот парламент, каде што владејачката партија нема уставно мнозинство по изборите во јуни.