Економија на зависност

Услужната економија во последните години се повеќе се шири на животни области во кои некогаш преовладуваа неформални облици на помош и совети од членовите на семејствата.

На почетокот на 20-от век најголемиот дел од населението, дури и во развиените економии било вработено во земјоделство. Подоцна овој процент нагло паѓа, за сметка на вработени во индустријата. На крајот од 20-от век, индустријата почнува да ги губи вработените, заради растот на услужниот сектор, посебно во областа на лични услуги.

Бидејќи најчесто и двајцата родители се вработени, тие прво почнуваат со вработување дадилки или беби-ситерки. Откако децата ќе пораснат следуваат најразлични тутори, приватни професори и советници за прием на факултет.

"Луѓето во минатото не би можеле ни да замислат некои од новите услужни дејности. Агенции за лични контакти, кои развиваат се посложени алгоритами за спојување на своите клиенти. Дизајнери кои ни го одредуваат уредувањето на ентериерот или ни ја избираат облеката. Лични тренери кои внимаваат на нашата физичка форма. Козметичари, дерматолози и мајстори за тетоважа кои ни го обликуваат изгледот," пишува Харолд Џејмс, професор по историја и меѓународни односи на Принстон.

Како што објаснува Џејмс, експертите би можеле да ги протолкуваат макроекономските последици како генерално позитивни.

"Меѓутоа елементот на лична зависност на големо потсетува на пред индустрискиот свет. Зенитот на старата услужна економија ја наоѓаме на дворот на Луј XIV-ти, каде специјално назначени дворјани се труделе да ги исполнат дури и најинтимните потреби на кралот. И денес се повеќе ни требаат совети за секое поле на животот, кои ни ги обезбедуваат луѓе што ги сметаме за експерти во овие се потесни полиња на специјалност."

7 мај 2013 - 10:21