Весникот пишува дека доверлива украинска процена покажува дека им загинале 80.000 војници а 400.000 се повредни. Тие се повикуваат и на западни бројки за руските жртви кои според нив изнесуваат 200.000 со 400.000 загинати и ранети.
Вол стрит проценува дека колку што загинатите се проблем за Русија, тие се значително поголем проблем за Украина, чија популација е една четвртина од онаа на Русија.
Без разлика колку трае војната загубените животи ќе имаат долгорочно влијание врз демографијата на двете држави кои и пред војната имаа опаѓачка популација. И во годините пред почетокот на војната, демографијата беше еден од најголемите приоритети на Путин и неговото владеење, кој во повеќе наврати на најразлични начини се обидуваше да го зголеми бројот на новороденчиња во руските семејства.
Бугарскиот политиколог Иван Крастев смета дека една од целите на инвазијата на Путин е и да се искористи украинската територија и нејзиниот народ за „консолидирање на словенското јадро на Русија“. Па така, најуспешна мерка на Путин за зголемување на словенската популација на Русија беше анектирањето на Крим и неговите 2,4 милиони луѓе.
Освен луѓето што Русија ги изгуби на военото поле, таа е минус и 600.000 луѓе кои ја напуштија земјата од почетокот на инвазијата. Болката е посебно голема затоа што ова главно се млади и високообразовани лица кои без проблем можеа да ја напуштат земјата и да започнат живот во странство.
Од друга страна Крастев смета дека за Украина се работи за егзистенцијална дилема „колку луѓе можеш да изгубиш во војната пред да ја изгубиш својата иднина?“
Последниот попис на Украина од 2001 покажува дека земјата има 48 милиони жители. На почетокот од 2022, процените на украински демографи и функционери е дека популацијата е падната на 40 милиони лица, во нив вклучувајќи го и населението на тогаш анектираниот Крим.
„Со уште шест милиони Украинци пребегани од почетокот на војната во февруари 2022, според Обединетите нации, и дополнителното освојување територија од Русија, вкупната популација на територијата контролирана од Киев е падната на меѓу 25 и 27 милиони, според претходно необјавени процени на украинската влада,“ пишува Вол стрит журнал.
Математиката на Птуха институтот за демографија е дека пред војната земјата имала 42 милиони жители, а дека на почетокот од 2024, на територијата под украинска власт живеат околу 29 милиони луѓе. Нивната процена е дека популацијата на земјата ќе може вистински да се преброи само неколку години по завршување на војната, кога ќе биде појасен бројот на бегалци кои се вратиле во татковината.
Популацијата на Украина е во криза и заради слабиот број на новороденчиња. Во првата половина од годинава според владини бројки, умреле три пати повеќе луѓе отколку што се родиле, или некои си 250 илјади наспроти 87 илјади.
„Рускиот начин на војна исто така е насочен кон тоа Украина да стане неподобна за живеење. Руските ракетни и дрон напади соборија огромни делови од украинската енергетска мрежа, вклучително и електрани, кои би можеле да натераат многу Украинци да побараат спас надвор од земјата доколку зимава се случи поголем недостаток на струја и греење,“ пишува весникот.
Проблемот со популацијата му е јасен и на Зеленски кој за време на целата војна главно одбива да ги регрутира лицата на возраст меѓу 18 и 25 години, на кои вообичаено отпаѓа најголемиот дел од секоја војска, бидејќи тие се уште немале деца. Како резултат на ова просечната возраст на украинските борци сега е 43 години.