Актуелниот британски премиер го искористи изедначувачкиот погодок на Англија против Словачка во последната минута како повод да ги окуражи своите гласачи дека сè е можно додека не се затворат избирачките места, па им порача „Не е готово додека не е готово.“
Меѓутоа, осамен е во неговиот оптимизам во победа бидејќи во неа не веруваат ни членови на владата.
Пред да се отворат кутиите, секојдневно стигнуваа нови лоши вести за партијата која се смета за една од најуспешните во Европа. Некои анкети велат дека Конзервативците ќе добијат и помалку од 100 места - во 2019 освоија 365 od 650 мандати. Можно е да не бидат ни втори, туку тоа место да им припадне на Либералните Демократи.
Притоа, Риши Сунак може да биде првиот премиер кој не минал во својата изборна единица.
Во добар дел, за ваквиот однос на силите заслужен е лидерот на Лабуристите, Кир Стармер, бив шеф на обвинителството на казнениот суд. И навивач на Арсенал.
Една од неговите последни пораки пред изборите беше уверувањето дека Британија нема да се врати ни во ЕУ, ниту ќе биде дел од единствен пазар, ниту ќе влегува во царинска унија.
Вели додека е премиер, а и додека е жив, не гледа како би се создале услови за таков рикверц на Британија. Убеден е дека Лабуристите можат да издејствуваат поповолни трговски договори со ЕУ во одредени индустрии.
„Мислам дека можеме да дојдеме до подобри договори отколку оние пропаднати кои ги добивме со Борис Џонсон, во полето на трговијата, истражувањето и развојот и безбедноста,“ вели Стармер.