Дипломатот што ја издаде американска политика кон Палестина

„Да сме убиле и 4.000 палестински деца нема да е доволно,“ разгневен кон уличен продавач на храна ќе изјави Стујарт Селдовиц, поранешниот советник на Обама, и долгогодишен заменик раководител на канцеларијата на Стејт департментот за Израел и Палестина, кој со децении ги создава и спроведува американските политики кон Израел и Палестина.

Селдовиц некаде од 7 ноември почнува да ги малтретира продавачите на храна во Менхетен, фокусиран на Арапите, за да биде уапсен пред некој ден дури откако се рашири видеото за палестинските деца.

Освен тоа дека не се доволни ни 4.000 убиени палестински деца, Селдовиц во едно видео му порачува на продавач со египетско потекло дека египетските тајни служби ќе го уапсат татко му и ќе му ги вадат ноктите еден по еден, за во друго да го опишува пророкот Мухамед како педофил.

Анализирајќи го однесувањето на Селдовиц и неговата кариера низ американскиот државен апаратус, Мустафа Бајуми во текстот за Гардијан пишува:

„Зошто вакви луѓе, идеолози со очигледна наклоност, воопшто се клучни во поставување на агендата на американските надворешни работи?

Не е ни чудо што американската надворешна политика има толку многу неуспеси низ годините, од катастрофалната инвазија на Ирак до сегашниот колеж во Газа. Иако неодамнешна анкета на Ројтерс покажа дека 70% од Американците се согласуваат дека Израел треба да побара прекин на огнот и да проба да преговара, американската влада, од Белата куќа па надолу, ја дочекува идејата за прекин на огнот, за зачувување животи, со бездушен и империјален презир кон волјата на своите луѓе, а не пак кон децата на Газа.

Не е само она што гледаме во овие видеа проблемот, без разлика колку е значаен, што расисти и исламофоби биле (или се уште се) вработени во американскиот дипломатски естаблишмент. Туку она што навистина го гледаме е микрокосмосот, жива верзија на немаскирана американска надворешна политика...

...Однесувањето на Селдовиц помалку ни покажува за тоа кој работи во американската дипломатија, а повеќе за тоа како би изгледа индивидуалната, соголена манифестација на американската надворешна политика, а изгледа како насилник, како воен хушкач и расист, испорачана со заканувачка и самозадоволна насмевка,“ пишува Бајуми.

 

29 ноември 2023 - 13:22