Девојката што ја разретчи Тајната служба

Американската Тајна служба до сега изгуби тројца агенти заради проститутка од Колумбија. Ништо смртоносно, едниот даде отказ, вториот го пензионираа, третиот ќе го отпуштат. Еве што има да каже 24-годишната ескорт девојка што ги прати агентите во пензија.

Њујорк Тајмс направи интервју со девојката која го започна целиот скандал откако имаше проблем да ја наплати својата услуга од еден од агентите.

По нејзиното сведочење, целата работа почнала во дискотека, кога агентите и пришле додека таа била со другарка. Агентите нарачале шише Абсолут вотка за на сепаре, а потоа нарачале и второ.

После двете шишиња вотка еден од агентите и девојката сосема прописно успеале да не се разберат околу цената за една вечер.

Тој прашал "Колку?" Таа одговорила "800 долари." Тој разбрал "30 долари."

Агентот прифатил и заминал со девојката во хотел.

Инцидентот се случил следното утро во 6:30, откако биле разбудени по телефон од рецепција за да ја потсетат девојката дека според правилата на хотелот за проститутки, таа мора да си оди од собата. Агентот на девојката и платил 50.000 пезоси (околу 30 долари).

Згрозена од малите пари, таа почнала да инсистира да и биде платена полната цена. Агентот се налутил, ја избркал од соба и ја навредувал.

Таа почнала да плаче во ходникот, да се заканува дека ќе викне полиција и да тропа на вратата на агентот. По некое време еден од неговите колеги се појавил и ја замолил девојката да не вика полиција за да не им направи проблем.

Сето тоа било задоцнето, полицијата веќе била таму, а дошло и обезбедувањето од хотелот. По неколку минутно убедување меѓу полицијата, девојката и агентот, таа се согласила да ја намали сумата на 250 долари. Американците собрале околу 225 долари и ја испратиле девојката.

Дури откако целата работа завршила на вести, девојката дознала дека мажите биле од Тајната служба. Нејзината најголема забелешка е што била претставена како проститутка што шета по улици и собира кого било.

"Исто е, ама различно. Тоа е како кога ќе купиш убав рум или Блекбери или Ајфон. Тие имаат различна цена," ја објаснила девојката разликата меѓу неа и некои други колешки.

19 април 2012 - 11:42