Во 2021 неколку пиратски бродови се приближуваат до неколку комерцијални бродови кои минуваат низ Заливот на Гвинеја, придружувани од данската фрегата Есберн Снар. По информацијата за пиратите од фрегатата полетува хеликоптер на данската морнарица кој отвора оган кон напаѓачите.
Во судирот загинуваат четири пирати, а еден, по име Лаки Францис, завршува со сериозни повреди заради кои ногата мора да му биде ампутирана. Данците го пренесуваат Францис во болница во Гана, каде му ја отсекуваат ногата, а подоцна е префрлен на терапија во Данска.
Додека е на терапија Францис бара азил по основа дека неговата здравствена состојба бара тој да остане во земјата. По ова следува долга правна битка која завршува со одлука тој да добие и вештачка нога на сметка на државата.
Во Данска целиот случај привлече масовно внимание и критика како срам за данската влада, која вообичаено има строг однос кон миграцијата. Самата премиерка на земјата изјави „не можам да ја одбранам оваа одлука“.
Не само што добил лекување и нога на сметка на данската држава, Францис не бил прогласен ни виновен за загрозување на животите на данските војници и воопшто не отслужил казна затвор.
Откако неговото барање за азил било одобрено тој добил план за образование, советување за наоѓање работа и „договор за интеграција“ кој треба да му помогне да стане член на данското општество. Како дел од овој договор тој ќе добие лекции по дански јазик кои ќе му помогнат подобро да зборува дански и помош во наоѓање работа за лице со ампутирана нога.
До сега Францис ги чини данските даночни обврзници некои си 615.000 долари, вклучително и медицинските трошоци.