„Расплачената вработена изгледа го има присвоено ставот на 'моја вистина', популарна фраза чија намена е да се рационализираат верувањата на говорникот и тој да се заштити од критиките базирани на факти.
Ти можеш да кажеш дека 1+1=2, но 'мојата вистина' е дека тоа е три. Пост-модернистите ваквиот начин на размислување го сметаат за софистициран. Кит Хајвард го нарекува детски. И во право е,“ пишува Економист.
Хајвард, инаку криминолог од Универзитетот во Копенхаген, ја пишува книгата „Инфантилизирани“ во која тврди дека младите денес се помалку созреани од претходните генерации, а вината за тоа паѓа на западната култура.
Примерите што ги наведува Хајвард се со возрасни луѓе кои го преживуваат детството и на стари години се облекуваат како „Моето мало пони“, или на 50 години излегуваат во клубови носејќи тинејџерски патики.
Тој ова го забележува додека работи како предавач на Универзитетот каде неговите 18-годишни студенти „се повеќе наликуваат на помалку созреани тинејџери на работ од зрелост, а повеќе на преплашени училишни деца напуштени во вонземскиот свет на возрасна самостојност.“
Еден од овие студенти му доаѓа на час во целосна пижама, со оправдание дека му било ладно, а сакал да се чувствува комотно. Кога Хајвард го прашува „дали не си загрижен околу инфантилните тонови на оваа облека?“ студентот му одговара „не, сакам да ме третираат како дете, да бидеш возрасен е тешко.“
„Тука авторот го дава својот најиздржан доказ, кој ќе им биде познат на многу читатели. Во богатите држави има драматичен пад на бројот на луѓе кои до 30-годишна возраст ги стекнале традиционалните маркери на зрелост: напуштање на домот, станување финансиски независен, стапување во брак, имање деца“, пишува Економист.
Статистиката покажува дека во Британија средната возраст на која влегуваат во првиот брак (хетеросексуален), е 33 години за мажи и 31 за жени, што е цела деценија подоцна отколку на почетокот од 1960-те. Студија од 2016 покажува пак дека за прв пат по 130 години, Американците на возраст од 18 до 34 години е поверојатно да живеат со своите родители отколку со партнер во одделно живеалиште.
Убедувањето на Хајвард е дека ваквото инфантилизирање се должи на западната поп-култура. Модерната кинематографија ја слави незрелоста, од маж-децата во „Училиште за рок“ и „Тед“, до бескрајните римејкови на Бетмен и Спајдермен или бројните телевизиски програми кои ја нормализираат незрелоста на своите 40 и 50 годишни ликови.
Дел од вината паѓа и на образовниот систем кој ги заштитува студентите од потенцијално вознемирувачки идеи. Универзитетот во Абердин ги предупреди своите полнолетни студенти дека во Петар Пан „чудните перспективи околу родовите“ би можеле да им бидат „емоционално проблематични.“
„Училиштата и универзитетите порано учеа за 'неконтроверзната идеја дека учениците ќе треба да го адаптираат своето однесување и да се адаптираат во светот, ако сакаат ефикасно да функционираат во него.' Повеќе тоа го нема,“ објаснуваат од Економист.
Хајвард го укорува и либералниот коментаријат, кој од една страна ја велича Грета Тунберг, како сезнаен мудрец, и покрај тоа што нема „никаква научна експертиза“ и не кажува „ништо оригинално околу климатските проблеми.“ Ова според Хајвард е доказ за „промена на улогите во која на младите луѓе се повеќе им се дава интелектуална тежина и културолошки авторитет да ги образуваат возрасните.“
Наспроти Грета е Шамима Бегум, британската ученичка на слична возраст со Швеѓанката, која избега и се приклучи кон геноцидната ИСИС. Истите овие либерални коментатори потоа ја критикуваа британската влада за тоа што не и дозволи на Бегум да се врати во земјата, претставувајќи ја како „прелажана девојка... која е премногу млада и наивна за сама да размислува, и затоа не е одговорна за своите постапки.“
„Кога општеството делува на таков хипокритичен начин, од една страна форсирајќи го зреењето, а од друга инфантилизирајќи ги луѓето, тоа игра опасна дволична игра,“ порачува Хајвард.