Освен убиството на адвокатот вмешан во случај поврзан со нарко-мафијата, Би-би-си наведува серија инциденти кои според нив се доказ за ескалација на бруталностите:
- Две момчиња се убиени за време на престрелка со Калашникови од залутани куршуми што се одбиле од ѕидовите.
- Мајка е убиена пред нејзините деца.
- Отсечена глава е оставена пред кофи-шоп.
- Убиство на сведок на јавното обвинителство.
- Убиство на адвокатот Дерк Виерсум (погоре споменат).
Дури и пред убиството на Виерсум, во извештај од август Амстердам е наречен „Валхала на нарко-криминалците,“ а слично е и предупредувањето од министерот за правда Ферд Граперхаус дека Холандија е во опасност да стане нарко-држава. Една анкета покажува дека 59% од испитаниците веруваат дека Холандија е станата нарко-држава, што по дефиниција значи земја чија економија е зависна од трговијата со нелегални дроги.
„Знаевме дека ова доаѓа. Адвокати, градоначалници, полицајци, сите добиваа закани од организираниот криминал. Сите аларми ги активиравме ама политичарите беа наивни. Сега тоа ги разјадува темелите на нашето општество,“ порачува првиот човек на најголемиот полициски синдикат во Холандија, Јан Струјс.
Ширењето на нарко-бизнисот во земјата се должи делумно и на некои ненамерни поволности што ги нуди Холандија, како врвна транспортна мрежа, опкруженост со повеќе богати пазари и една од главните влезни транспортни порти во Европа.
Она што е сега сменето е што ако повеќе од 30 години дрогите се увезуваа во Холандија од Јужна Америка и Северна Африка, сега значителен дел од нив се произведуваат локално, промена која што се должи на префрлањето на корисниците од регуларни на синтетички дроги. Брзината со која работи нарко-индустријата во земјата, се гледа од тоа дека дента кога Трамп стана претседател на САД, на улиците на Холандија беа запленети екстази со ликот на американскиот претседател, а 24 часа подоцна тие беа фатени во продажба во Австралија.