
Највисоките американски функционери жестоко ja критикуваат одлуката на германските разузнавачки власти да ја прогласат за „екстремистичка“ опозициската десничарска партија Алтернатива за Германија. Државниот секретар Марко Рубио вели дека таквата одлука е грубо задушување на демократијата.
Германија тукушто ѝ даде нови овластувања на својата шпионска агенција да ја надгледува опозицијата. Тоа не е демократија, тоа е прикриена тиранија. Тоа што е екстремистичко не е популарната АфД, која беше второпласирана на неодамнешните избори, туку смртоносните политики на отворени граници на естаблишментот, на кои АфД им се спротивставува, порача Рубио на Икс.
Germany just gave its spy agency new powers to surveil the opposition. That’s not democracy—it’s tyranny in disguise.
— Secretary Marco Rubio (@SecRubio) May 2, 2025
What is truly extremist is not the popular AfD—which took second in the recent election—but rather the establishment’s deadly open border immigration policies…
Државниот секретар ја повика Германија „да ја промени насоката“.
Министерството за надворешни работи на Германија, невообичаено за својата практика, директно му возврати на Рубио на неговиот профил на Икс: „Научивме од нашата историја дека десничарскиот екстремизам мора да биде запрен“.
На критиките се придружи и потпретседателот Џеј Ди Венс, кој ги обвини бирократите во Берлин дека „градат нов ѕид“ што повторно ја дели Германија.
АфД е најпопуларната партија во Германија и со далеку најголема поддршка во источна Германија. Сега бирократите сакаат да ја уништат. Западот заеднички го турна Берлинскиот ѕид. Повторно го градат, не Совети или Руси, туку германскиот естаблишмент, порача Венс.
The AfD is the most popular party in Germany, and by far the most representative of East Germany. Now the bureaucrats try to destroy it.
— JD Vance (@JDVance) May 2, 2025
The West tore down the Berlin Wall together. And it has been rebuilt—not by the Soviets or the Russians, but by the German establishment. https://t.co/Un6suHtSNJ
„Екстремистичкиот“ статус не ја забранува АфД, но има огромни последици за нејзиното политичко дејство. Сојузните власти сега имаат право да пресретнуваат комуникации на истакнати членови и да уфрлаат информатори, практично да имаат на дланка сè што се прави во партијата. Канцеларијата за заштита на Уставот, како што е името на агенцијата за домашно разузнавање, ја поткрепи одлуката со извештај на 1.100 страници, во кој тврди дека АфД „промовира етноцентричен поглед на популацијата што дискриминира одредени групи, особено мигранти“.
Лидерите на АфД велат дека се жртва на политички прогон. И досега во Бундестагот имаше иницијативи да се ограничи, па и да се забрани партијата, но тоа може да се направи само со наредба од Уставниот суд.