Сангер вели дека онлајн енциклопедијата уште во својата рана фаза била препознаена како потенцијално моќен инструмент за ширење пропаганда, поради правилото за анонимност на уредувањето.
Сметам дека Википедија е веќе компромитирана. Она што го знаеме како факт врз основа на разни докази е дека ЦИА веќе вршела измени на Википедија. Компанијата „Wiki-PR“‘ заработи милиони од уредување на содржини на Википедија, изјави Сангер во интервју за германскиот дневен весник Берлинер цајтунг.
Докази за уредување на страници од страна на ЦИА и ФБИ се појавија уште во 2007 година, откако програмерот Вирџил Грифит го создаде „WikiScanner“ – алатка што ги поврзуваше анонимните уредувања на Википедија со IP-адресите на одредени организации. Алатката ги припишуваше уредувањата на ЦИА, ФБИ, разни компании и владини институции.
Според извештај од Бирото за истражувачко новинарство, компанијата Portland Communications преправала содржини по барање од разни влади и милијардери, вклучувајќи ги Катар, Фондацијата „Гејтс“ и либискиот државен инвестициски фонд.
Речиси е невозможно да се идентификуваат оние што стојат зад таквите измени бидејќи сите се анонимни. Преку уредници скриени зад псевдоними, енциклопедијата денес ги третира како „утврдени факти“ ставовите на институции како Светскиот економски форум и Светската банка, вели коосновачот на Википедија.
Платформата, според него, сега е обликувана според светогледот кој го нарекува GASP – глобалистички, академски, секуларен и прогресивен.
На страницата за „постојани извори“, речиси сите извори поврзани со естаблишментот, а особено со левичарскиот, се означени со зелена боја и се дозволени. Конзервативните извори не се, со многу малку исклучоци, а и тие главно се извори на конзервативниот естаблишмент.
Сангер тврди дека голем дел од локалното известување надвор од западниот свет не е дозволено.
Може да се тврди дека новинарството не е особено добро разбрано во тие земји. Можеби има вистина во тоа, но сепак, тие извори содржат корисни информации. Википедија има изразена западна пристрасност, а мислам дека не сме свесни за тоа, додава Сангер.