ЦИА ги научила Украинците да ја гаѓаат Ахиловата пета на Путин

И покрај тоа што Трамп престана да ги поддржува воените напори на Киев, ЦИА продолжила да им помага на Украинците со доставување разузнавачки информации и ги поучила дека нафтената инфраструктура е најслабата точка на руската воена машина. Нападите врз рафинерии и танкери ѝ прават трошок на Русија од 75 милиони долари на ден. 

Американската разузнавачката служба ЦИА, со благослов од претседателот Доналд Трамп, од јуни тајно обезбедувала специфични разузнавачки информации за Украина, за да ѝ ја зајакне воздушната офанзива против руските рафинерии за нафта. 

Анонимни функционери изјавиле за Њујорк тајмс дека ЦИА силно лобирала да продолжи да споделува разузнавачки информации со Киев. И покрај ризикот дека може да го разгневи Кремљ, Белата куќа имала позитивен став за вклучување на американските разузнавачки служби во координирањето на овие акции, ја одобриле нивната улога и ги усогласиле нападите со пошироките политички цели.

Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, му претставил нова стратегија на претседателот. Се разгледувал концепт да се стесни опсегот на нападите строго на рафинериите за нафта, намерно избегнувајќи ги складиштата и концентрирајќи се на самите фабрики. Овој пристап на таргетирање, се сметал како начин за максимизирање на притисокот, а во исто време кампањата да се држи цврсто контролирана.

Украинските сили и претходно испраќаа дронови со експлозив врз руски складишта за нафта и енергетска инфраструктура, но новата препорака од ЦИА била да се концентрираат исклучиво на рафинериите. Разузнавачки експерт идентификувал спојка која тешко може да се замени, поради што рафинериите мора да останат затворени со недели. 

Новата стратегија се покажала успешна. Рафинирањето нафта во некои денови било намалено за една петтина, што придонело за намалување на извозот и за недостиг на гориво во земјата.

Кон крајот на ноември, Украина, исто така, почна кампања со долгострелни дронови со експлозив против флотата во сенка на Москва, тајна мрежа од стотици бродови што превезуваат санкционирана нафта за да ја одржат руската економија. 

2 јануари 2026 - 16:12