
Новите сведоштва на ветераните го зголемуваат притисокот да се бара одговорност од британските специјални сили, на кои не им е првпат да бидат обвинети за воени злосторства. Јавната истрага што веќе се води за САС за егзекуции на невооружени цивили се однесува на период од три години. Злосторства имало повеќе од десет години. Првпат е обвинета и единицата СБС, елитниот полк на Кралската морнарица.
Специјалните сили беа распоредени во Авганистан за да ги заштитат британските трупи од талибанските борци и бомбаши. На боиштето загинаа 457 британски војници, а илјадници други беа ранети. Наспроти екстремно непријателската средина командосите морале да се придржуваат до правилото да пукаат за да убијат само ако се директно загрозени нивните животи или животите на војниците што ги штитат.
Членовите на САС и СБС создале свои правила. Ветеран од СБС раскажа за ББЦ дека единицата изградила менталитет на толпа.
Видов како и најповлечените момци стануваа психопати. За нив немаше закони. Се чувствуваа недопирливи, раскажува ветеранот.
Ако на листата се појавело име на осомничен по трет или по четврти пат, единицата одела да го убие, а не да го приведе.
Понекогаш ќе ја убиевме целта откако ќе ѝ го потврдиме идентитетот. Често пати одредот ќе влезеше и ќе ги убиеше сите мажи што ќе ги најде. Во некои операции, трупите ќе влезеа во куќата и ќе ги убиеја сите на спиење. Тоа со ништо не може да се оправда, сведочи ветеран за програмата Панорама на ББЦ.
Поранешен член на СБС раскажува дека кога ќе се воспоставело контрола врз одреден регион, одреди ја „чистеле територијата, ги проверувале телата и ги убивале сите што останале живи.
Тоа беше очекувано. Не се криеше. Сите знаеја, вели ветеранот.
Нови сведоштва за операции на САС во Ирак во 2006 година ги потврдуваат претходните обвинувања дека командоси броеле жртви за да се натпреваруваат кој ќе убие повеќе луѓе. Еден „оператор“ се фалел дека во шестмесечна смена во Авганистан убил десетици луѓе.
Никогаш не била спроведена правилна истрага за убиствата. Ветеран тврди дека знаеле сите во командната структура на специјалните сили.
Не ја одземам личната одговорност, но сите знаеја. Имаше имплицитно одобрување, вели ветеранот.
За да се прикрие злосторството, пред да се фотографира жртвата вообичаено се поставувало оружје покрај телото. Потоа се фалсификувал извештај како за фиктивна престрелка за да не биде пријавен случајот до воената полиција.
Тогашниот премиер Дејвид Камерон, кој два пати ги посетил Авганистан во 2010 и во 2013 година, бил предупреден од претседателот Хамид Карзаи дека специјалните сили убиваат цивили. Тоа го потврди Рангин Дадфар Спанта, советник за национална безбедност на Авганистан.
Колку што се сеќава лордот Камерон, претседателот Карзаи отворал прашања општо за силите на НАТО, а не за специфични инциденти во врска со британските специјални сили, изјави за ББЦ портпарол на Камерон.