Британија откри дека има наезда на кинески комунисти

Британски конзулати, универзитети, банки и компании се преполни со лојални членови на Комунистичката партија на Кина, покажува протечената база со податоците на 1,95 милиони регистрирани членови на партијата.

Иако нема докази дека кој било од лицата на списокот некогаш шпионирале во корист на Кина, сепак на Британците не им е сеедно што членови на партијата се ангажирани, на пример, на високи позиции во британскиот конзулат во Шангај, од каде оперираат и тамошните британски разузнавачки служби.

„Таму, функционерите се само еден спрат оддалечени од тимот на МИ6 и тие би можеле да ги идентификуваат нашите разузнавачи,“ изјавува неименуван извор за Дејли Меил.

Освен конзулатот, околу 600 членови на партијата работат или работеле во британски банки како ХСБЦ и Стандард Чартерд, додека 123 Кинези со партиска книшка биле вработени во Фајзер и АстраЗенека.

Компании како Ербас, Боинг и Ролс-Ројс, кои работат и за одбранбената индустрија, вработувале стотици членови на партијата.

Комунистичката партија на Кина има над 92 милиони членови, и зачленувањето предвидува исполнување на одредени предуслови, заради што само 1 од 10 апликанти успеваат да влезат во партијата.

14 декември 2020 - 16:49