Британија ја изгуби контролата врз своите граници

Кралството што до пред еден век управуваше империја на сите меридијани, сега повеќе не може да ги контролира ни сопствените граници, признава британската министерка за внатрешни работи. За да запре бранот мигранти, Британија бара меѓународна поддршка, особено од балканските земји,  а размислува и за напуштање на Конвенцијата за човекови права, која ги попречува депортациите.

Фото: ЕПА

Министерката Шабана Махмуд предупредува дека неуспехот на Британија да ги контролира своите граници ја еродира довербата на јавноста во политичарите, но и меѓународниот кредибилитет на државата.

Јавноста со право очекува нивната Влада да може да утврди кој влегува во нивната земја и кој мора да ја напушти, вели Махмуд.

На состанокот со министрите за внатрешни работи од балканските земји таа денеска ќе повика на заеднички напори за запирање на мигрантите, признавајќи дека Британија не може самата да ги обезбеди сопствените граници. Извори во Министерството укажуваат дека Махмуд ќе се обиде да постигне договор со балканските земји „да се оди подалеку и побрзо“ во заедничките мерки за запирање на нелегалната миграција.

Во 2024 година речиси 22.000 луѓе биле шверцувани по патиштата низ Западен Балкан, а годинава 35.500 мигранти го преминале Ламанш во мали чамци, што е за 30% повеќе во однос на минатата година.

Досегашните обиди на лабуристичките власти за запирање на миграцијата не се покажаа ефикасни. Британија постигна договор „еден внатре – еден надвор“ со Франција, билатерален договор со Германија за гонење на шверцери на луѓе и запленување на нивните бродови, договор со Брисел за пристап до клучни разузнавачки информации и пакт со Ирак.

Опозицискиот лидер Најџел Фараж забележува дека сите овие мерки нема да бидат успешни ако Британија не ги заостри регулативите и не го олесни процесот за враќање на нелегалните мигранти, за да ги обесхрабри да доаѓаат.

Министерката Махмуд вчера објави нова мерка – мигрантите ќе мора да го разбираат и да го зборуваат англискиот јазик до ниво А за да добијат право на работа во Британија. Оваа мерка, според неа, ќе овозможи полесна интеграција во општеството. Новите правила, кои стапуваат на сила од јануари, ќе бараат од сите мигранти кои бараат квалификувана работа да положат писмен и устен тест одобрен од Министерството за внатрешни работи за да им бидат доделени визи. За 32% е зголемен и надоместот од 1.000 фунти што работодавците сега мора да го платат за да вработат странски персонал како резултат на зголемувањето од 32% на сегашниот надомест за имиграција од 1.000 фунти од 16 декември. Времетраењето на престојот на странските студенти во Британија по дипломирањето ќе се намали од 24 на 18 месеци, поради стравувањата дека тоа се користи како задна врата за нелегален престој.

Ова е дел од мерките насочени кон намалување на нето миграцијата, која моментално изнесува 431.000, откако достигна рекордно високо ниво од 906.000 во 2023 година. Воедно треба да им помогне на повеќе од 9 милиони економски неактивни Британци да најдат работа. 

Махмуд бара и преиспитување на законските ограничувања наметнати од Европската конвенција за човекови права, кои може „со генерации“ да ги развлечат случаите за депортација на илегални мигранти. За спорни ги смета членовите 3 и 8 од конвенцијата, според кои мигрантите ги обжалуваат одлуките за депортација, тврдејќи дека ќе им бидат прекршени правата на семеен живот или би ги соочило со прогон во родните земји.

Опозициските конзервативци бараат Британија целосно да се повлече од Конвенцијата.

Тоа ќе ни овозможи да ги отстраниме сите нелегални имигранти во рок од една недела од пристигнувањето. Потоа преминувањата би престанале, истакна министерот за внатрешни работи во сенка, Крис Филп.

За време на својата посета на Британија, американскиот претседател Доналд Трамп го советуваше премиерот Кир Стармер да размисли за користење на војската за да се спречат нелегалните преминувања со мали чамци. 

15 октомври 2025 - 07:39