Британците им го најдоа стравот на африканските мигранти

Зрак надеж за спас од неконтролираната миграција во Британија даваат бегалските центри што земјата ги изнајмува во Руанда, кои се толку застрашувачко решение што фатените бегалци на островот молат да бидат вратени дома, наместо да бидат испратени во нив.

Првичната радост на Британците се базира на мали бројки, меѓутоа веќе десет мигранти побарале од британските власти да бидат веднаш вратени во своите родни земји во Африка, наместо да ризикуваат да бидат префрлени во Руанда и таму да чекаат решавање на нивното барање за азил.

Се работи за сценарио во кое бегалците секако излегуваат губитници, бидејќи во Руанда се разгледува опцијата за нивно останување во Руанда и добивање тамошен азил, а никако нивно враќање назад во Британија.

Во пракса тоа значи дека без разлика дали цел живот си живеел во Либија, Тунис или Мароко, на брегот на Средоземното море, или доаѓаш од брегот на Јужна Африка, ти пак ќе завршиш во Руанда.

Дејли меил објавува дека веќе на речиси 100 мигранти им било дадено известување дека ќе бидат транспортирани во Руанда.

Надежта на британското МВР е дека бројот на барања за враќање назад во Африка значително ќе пораснат откако ќе започнат првите летови кон Руанда, планирани за следниот месец.

Британскиот бегалски план ќе започне со најмување на неколку хотели и бунгалови во главниот град Кигали, каде бегалците ќе треба да ја исчекаат долгата процедура за обработка на барањето на азил. Доколку им биде одбиено барањето, властите на Руанда ги враќаат бегалците во нивните родни држави.

Почетните очекувања се дека годишно во Руанда ќе се депортираат по 300 луѓе.

23 мај 2022 - 10:50