Ботови ја диктираат изборната кампања во Израел

Гласачите во Израел се бомбардирани со лажни снимки, монтирани од ВИ, кои изгледаат реално. Ботови наведуваат онлајн дискусии кон специфични агенди и гласаат по анкети. Други прибираат секакви информации за гласачите и им сервираат пропаганден материјал типичен за нивните интереси. Сите партии го прават ова и никоја служба нема интерес да ги спречи.

Гади Ајзенкот во јуни стана првиот израелски претседател што по една деценија се сретнал со палестински лидер. Но, само на видео генерирано со алатка со ВИ, проширено по социјалните мрежи. Лажното видео на средбата на Ајзенкот со Мансур Абас е режирано од ултрадесничарската партија Религиозен ционизам, предводена од министерот за финансии Безалел Смотрич, близок сојузник на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Целта е да се убедат гласачите дека поранешниот генерал Ајзенкот, кој сега е претседател и главен фаворит за победа на изборите на 27 октомври, всушност е подготвен да се помири со непријателите на Израел.

Снимката беше повлечена при крајот на јули по барање од Централната изборна комисија поради прекршување на законите кои налагаат сите материјали генерирани со вештачка интелигенција да бидат јасно означени дека не се реални. И покрај одлуката, продолжи ширењето на монтирани снимки со политичка порака од сите партии и групи. Организаторите на кампањите процениле дека содржината остава силен впечаток кај гласачите без оглед на знакот дека е монтирана. 

Видливата содржина, односно лажните видеа, не се главната грижа. Тие лесно се препознаваат. Она што претставува многу поголема закана е начинот на кој ВИ се користи зад сцената за пристрасно прикажување на информациите, за следење на гласачите и за манипулации, тврди Карин Нахон, експерт за информациски науки.

Во текот на изминатите три години, израелската влада вложи огромни средства во онлајн психолошко војување, користејќи алатки со вештачка интелигенција за да се обиде да влијае врз публиката на Блискиот Исток и врз јавното мислење на Западот. Некои од овие алатки сега се користат и на домашниот терен. Премиерот Нетанјаху и неговите политички сојузници располагаат со високо развиени бази на податоци и пред изборите ги споделуваат информациите за гласачите.

Партијата Јашар на Ајзенкот е основана пред само една година, а опозицијата генерално останува поделена. Но, и тие имаат поддршка од мрежа на антивладини протестни групи кои се длабоко вкоренети во израелската технолошка заедница.

Повеќето технолошки професионалци ја поддржуваат опозицијата и чувствуваат дека се борат за својата иднина во Израел. Ќе ги видиме во директен дуел, изјави за Економист инсајдер од индустријата.

Во кампањата се користат роеви од ботови претставени како реални гласачи. Тие ги насочуваат дебатите на интернет кон теми и ставови во интерес на оној кој ги контролира. Ботовите се користат и за гласање на онлајн анкети. Иако не се статистички веродостојни, овие анкети генерираат наслови што имаат влијание врз неопределените гласачи.

Пософистицирани се аватарите, создадени од ВИ, кои имаат вистински телефонски броеви, па дури и кредитни картички. Тие се инфилтрираат во форуми и групи, особено на WhatsApp, каде што корисниците не очекуваат виртуелни членови.

Алатки со ВИ се користат и за собирање информации за преференциите на гласачите. Партиите го користат овој материјал, вкрстен со информации од бази купени од комерцијални компании кои ги следат онлајн купувањата и историјата на пребарување на луѓето, за да изградат сложени профили на потенцијални гласачи. Врз основа на профилите, се изработуваат индивидуално насочени онлајн реклами, текстуални пораки и сè пореалистични роботизирани повици, наводно од партиски лидери и кандидати.

Најскриениот аспект на кампањите е автоматизацијата на убедувањето. ВИ ги собира сите достапни информации за гласачите, дури и каква музика слушаат и какви филмови гледаат. Ги лоцираат географски за да утврдат каде ќе гласаат, вели Техила Шварц-Алтшулер од Израелскиот институт за демократија во Ерусалим.

Ново во кампањата е и товарење огромно количество пропаганден материјал на сајтовите за кои се знае дека се извор на информации за јазичните модели со ВИ. Тоа е поради претпоставката дека многумина неопределени гласачи, особено помладите, ќе бараат политички совети од ботовите. Содржините мешаат лажни изјави на политичари со вистински информации, за да се прикрие веродостојноста.

Ги објавуваме сите наши стари материјали на Редит, бидејќи ChatGPT ги користи, признава еден политички активист.

Иако ова не е легално, нема кој да го спречи. Службата за внатрешна безбедност Шин Бет е фокусирана на откривање странско мешање, иако нејзиниот мандат ја опфаќа и домашната сцена. Во оваа нова неконтролирана територија останува да патролираат полицијата, која има ограничени ресурси, и Централната изборна комисија, која има ограничени овластувања.

2 октомври 2026 - 15:27