Борис Џонсон ја става Британија 6 месеци под нови рестрикции

Кој може да работи од дома, пабовите да затвораат во 10 часот, забрана за сите тимски спортови на затворено и дополнителни ограничувања на свадбите, се дел од новите мерки за борба против ковид-19 кои ги објави Борис Џонсон „во време кога Британија е пред опасна точка на пресврт“.

Во пракса ова значи свадбите да бидат ограничени на само 15 гости (претходно беа дозволени 30), додека на погреби смее да присуствуваат до 30 лица. Освен забраната за тимски спортски активности на затворено и делумното враќање на навивачите на фудбалските стадиони закажано за 1-ви октомври ќе биде ставено на пауза.

Запрашан зошто ќе ги затвора пабовите во 22 часот, британскиот премиер објаснил дека „владата има докази дека пренесувањето на болеста обично се случува доцна навечер, по консумација на доста алкохол“.

Дополнително, на инсистирање на градоначалникот на Лондон, носењето маски ќе биде задолжително во малопродажба и угостителство. Казната за не носење маска на јавно место е зголемена од 100 на 200 фунти.

„Изминатите две недели бројот на нови болнички случаи во Англија се зголеми за повеќе од два пати.

Десетици илјади заразени на дневно ниво во октомври, како што ноќта го следи денот, ќе доведат до стотици мртви во ноември и тие бројки ќе продолжат да растат доколку не делуваме,“ порачал британскиот премиер.

Мерките Џонсон ги најави за следни 6 месеци и се помека верзија од она што викендов го предлагаа владините научни советници, според кои беше неопходен 2-неделен целосен карантин на земјата за да се „прекине кругот“.

„Не се штедиме во нашите напори за развивање вакцина, терапија и нови форми за масовно тестирање, но освен ако немаме осетлив напредок треба да претпоставиме дека ограничувањата што ги најавив ќе траат веројатно шест месеци.

Во овој момент, вирусот е факт на нашите животи и мора да му соопштам на Парламентот и на државата дека нашата борба против него ќе продолжи,“ порачал Џонсон.

Во спроведување на мерките Џонсон најави и дека владата може да побара помош од армијата, која би требало да одговори на одредени задачи, како чување на заштитени места за полицијата да може да ги спроведува мерките против вирусот.

22 септември 2020 - 15:18