Берни Сандерс ја освојува Демократската партија

Иако првично беше оцрнуван како чудак, радикал или заскитана појава, храбрите предлози на Берни полека стануваат мејнстрим меѓу Демократите во САД. Се чини дека победата на Трамп полека ги освестува во партијата, само што, ухлебените гавази во нивните штабови уште не се даваат.

Дали Америка е подготвена за демократијата наречена Берни Сандерс?“, се прашавме во септември 2015 година, претставувајќи го човекот чија кариера и политичка филозофија даваше надеж за подобро утре на нашите американски браќа и сестри. Исходот денес е познат но заради потсетување, таму кај што му требаше, Берни Сандерс не наиде на топол прием како на нашиот сајт.

Неговата базична идеја дека Демократите можат да соберат една етнички и класно мешана коалиција гласачи ако понудат универзални јавни програми од областа на здравството и образованието наиде на потсмев, омаловажување и етикетирања за наивност, романтизам, радикалност и слично.

Хилари Клинтон, која лично ја прекина неговата трка, тврдеше дека идејата за бесплатно здравство за сите „никогаш а можеби ни тогаш нема да помине“. Отприлика една година подоцна, тој негов предлог успеа да убеди 16 влијателни демократски законодавци да се пријават како иницијатори на реформата. Дури и влијателниот тинк-тенк „Центар за американски прогрес“ кој е близок со клинтоновата центристичка струја во партијата, го вклучи предлогот на Сандерс како еден од клучните документи при создавањето на нивниот предлог на оваа тема.

Слично се случи и со платите. Тогаш Демократите калкулантски предлагаа минималец од 12 долари на час, Сандерс беше за 15 долари. Денес сите во партијата консензуално се за 15.

Приклонување на главната партиска матрица кон идеите на Сандерс има во останатите сегменти како што се детските додатоци и програмите за вработување. Моменталните партиски предлози сè уште личат на разводнети предлози на Берни но правецот е јасен.

„Победата на Доналд Трамп беше сигнал дека мора да се тргне похрабро“ коментира демократскиот конгресмен Ро Кана. „Луѓето почнаа да зеваат на истите фаци, истите идеи и истите поенти“.

Пред да победи златокосиот, идејата дека Демократите можат да бидат за бесплатно јавно здравство за сите, 15 долари минималец и национални програми за вработување се чинеше радикална. Денес тие идеи се клучни состојки во потрагата по нов рецепт за идните изборни победи.

„Кампањата на Берни испорача порака дека таа партија мора да излезе од својата комфорна зона. Да игра на големо или да ја напушти трката. Во 2016 ја напуштија трката. Сега конечно почнуваат да играат на големо“, оптимистички заклучува аналитичарот на The Week.

Сè тоа фино, да немаше тазе докази дека старите структури си тераат по старо. Дека чаушите на партијата прво одбираат кој ќе победи во некоја партиска трка а дури потоа сите кандидати „рамноправно“ излегуваат пред базата. Својот пулен обилно го помагаат со пари, влијание и логистика и притоа за пулени бираат умерени и бизнис-френдли кандидати а прогресивците се обесхрабруваат и се советуваат да се откажат од трката.

Еве ја таа приказна, во продолжеток фино анимирана:

 

28 април 2018 - 16:32