Независниот сенатор Берни Сандерс, кој се претставува како демократски социјалист, вчера официјално поднесе предлог-закон според кон секој Американец би добил акции во компаниите за вештачка интелигенција преку суверен фонд под контрола на државата.
Според законот, компаниите што остваруваат годишен приход од најмалку 200 милиони долари би платиле еднократен данок од 50% од акциите, со што би се собрале 7.000 милијарди долари за суверен фонд за богатство за даночните обврзници. Дивиденда од 5% би значела дека секој Американец би добивал по 1.000 долари годишно.
Вештачката интелигенција не е создадена од ништо. Тaа не беше брилијантна идеја што едноставно се појави во главата на Марк Закерберг или во имагинацијата на Илон Маск. Основата на ВИ се заснова на колективното знаење на човештвото и креативната работа на десетици милиони луѓе. Принципот е едноставен: Кога јавен ресурс генерира богатство, јавноста треба да учествува во тоа богатство, објаснува Сандерс.
Џ.Д. Венс изјави дека на претседателот Доналд Трамп му се допаѓа идејата на Сандерс.
Преферираниот механизам на Трамп е суверен фонд за богатство каде што американската влада зема удели во приватни компании за ВИ, изјави Венс за подкастот на Стивен Бартлет.
Тоа е отстапување од американскиот модел на немешање во приватните компании, кој Вашингтон 80 години го промовира низ светот. Многу земји, како Норвешка, Саудиска Арабија, Сингапур и Кина тргнаа во насока на создавање суверени фондови што поседуваат делови од најголемите компании.

Венс не верува дека развојот на вештачката интелигенција ќе значи масовно отпуштање на работници, но предупредува на ризикот од продлабочување на нееднаквоста, што историски води во социјални превирања.
Историските аналогии се секогаш проблематични. Се враќате на Индустриската револуција. Дали масовната невработеност беше главната последица од преминот од земјоделска во индустриска економија? Не. Но, што се случи? Богатите луѓе станаа многу побогати. И тоа доведе до фашизам и комунизам во Европа. Всушност, Британија и САД се речиси единствените две земји кои успешно избегнаа или фашистичка или комунистичка револуција како одговор на Индустриската револуција... Или ќе го следиме моделот на социјална хармонија или ќе се разбудиме и ќе сфатиме дека богатите луѓе станале многу побогати. Можете да им ги дадете на луѓето удобностите на економијата од 21 век. Но, ако ги направите богатите луѓе многу побогати, ќе имате значителни проблеми, изјави Венс.
Тој изрази загриженост и поради ризикот од неконтролиран надзор преку моделите со ВИ.
Еден пријател еднаш ми рече дека ВИ во основа е комунистичка технологија, бидејќи им овозможува на владите и корпорациите да ги надгледуваат луѓето на многу длабоки и различни начини. И тоа многу ме плаши. Не сакам да не можете да купите пиво затоа што некој извршен директор ви дал оценка врз основа на алгоритам кој всушност никој не го разбира. Не мислам дека ќе имаме масовна невработеност. Можеби ќе имаме масовна нееднаквост, изјави Венс.