ББЦ им забранува на своите новинари да го наречат Хамас „терористичка група“

ББЦ ги цензурира своите новинари кои го нарекле Хамас „терористичка група“. Одделението за жалби оценило дека новинарите што во емисија на 15 јуни ја нарекле групата „терористичка“ отстапиле од уредувачките упатства за користење на терминот, кој е дозволен само ако е кажан од трети страни. Поранешен директор реагира дека ББЦ ја штити репутацијата на екстремистите.

Во осудата на сопствените новинари, Одделението за жалби (ECU) на корпорацијата објаснува дека ББЦ не ги означува организациите и групите како „терористички“ од причини на „должна точност и непристрасност“, туку наместо тоа известува дека тие се означени како такви од трети страни.

По нападите на 7 октомври 2023 година врз Израел, тогашниот британски премиер Риши Сунак го повика јавниот радиодифузер да го нарече Хамас „терористичка група“, но ББЦ одбил да го стори тоа, согласно сопствените упатства.

Ова не е време за двосмисленост, треба да го кажеме онакво какво што е, рече Сунак.

И тогашниот министер за надворешни работи Дејвид Камерон ја критикуваше политиката на ББЦ.

Можеби е момент всушност ББЦ повторно да се преиспита дали да ги опишеме овие луѓе како терористи? Тие се терористи, изјави лордот Камерон.

Ципи Хотовели, амбасадорката на Израел во Британија, претходно ја обвини корпорацијата дека зазема страна со одбивањето да ја нарече групата терористичка.

Џон Симпсон, уредник за светски прашања, тврди дека ББЦ не зазема страна.

Задача на ББЦ е да ги претстави фактите пред својата публика и да им дозволи да искрено да одлучат што мислат. Секогаш има некој што би сакал да креваме врева. Жал ми е, тоа не е она што го правиме, изјави Симпсон.

Дени Коен, поранешниот директор на Телевизијата на ББЦ, оцени дека на јавната корпорација не треба да ѝ се дозволи самата да ја оценува сопствената задача.

Оние што плаќаат лиценца ќе бидат згрозени што нивните пари се трошат залудно обидувајќи се да го заштитат угледот на смртоносни екстремисти. ББЦ тврдоглаво одбива да признае дека Хамас е терористичка организација уште од ужасните злосторства од 7 октомври, а сега нејзината единица за уреднички жалби ги ограничува водителите, кои ги пренесуваат фактите, изјави Коен.

12 септември 2025 - 08:47